Ангеловска-Бежоска: “Очекуваме забавување на растот на нашата економија како последица на војната во Украина“
Македонската економија нема да остане имуна и секако ќе ги почувствува последиците од руско-украинската криза. Очекуваме забавување на економскиот раст, како и забрзување на инфлацијата, посочи во изјава за ХТВ, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која учествува на Десетиот регионален состанок на гувернерите на централни банки, кој се одржува во Ровињ, Хрватска.
На овогодишниот состанoк темите се економското закрепнување во контекст на конфликтот во Украина и санкциите кон Русија, неизвесноста и финансискиот сектор, инфлацијата и монетарната политика.
Гувернерката истакна дека слично со останатите земји во регионот, директните трговски и финансиски врски на Република Северна Македонија со Русија и Украина се слаби, како и дека конфликтот ќе влијае на македонската економија преку други канали. Напомена дека трговијата со овие две земји е помалку од 2 отсто од вкупната трговија, а уделот на странски директни инвестиции од Русија и Украина е исто така многу низок, или 0,5 отсто од вкупните странски директни инвестиции во 2020 година.
-Сепак, индиректните влијанија, преку глобалната, но пред се европската економија врз земјите од регионот нема да изостанат. Тие ќе се почуствуваат преку четири главни канали – трговија, цената на примарните производи, затегнувањето на меѓународните финансиски пазари и довербата кај потрошувачите, посочи Ангеловска-Бежоска.
Таа истакна дека ММФ прогнозирал дека глобалната трговија ќе расте, но поспоро – 5%, цените на примарните производи од почетокот на годинава сеуште имаат нагорен тренд, каматните стапки на меѓународните финансиски пазари се зголемиле, а неизвесноста може да ги забави инвестициите и потрошувачката. Сепак, додаде таа, меѓународните финансиски институции тековно очекуваат дека економиите ќе растат, иако со забавена динамика, а инфлацијата од втората половина на годината постепено да се стабилизира.
Гувернерката нагласи дека повторно на потег се монетарната и фискалната политика – монетарната политика во насока на одржување на стабилноста, додека фискалната преку мерки за поддршка да ги ублажи ефектите врз економската активност на краток рок.
-На среден и долг рок, потребно е спроведување на агендата на структурни реформи, кој е единствен начин да се постигнат долгорочни ефекти, додаде Ангеловска-Бежовска