Мафијата ги злоупотреби ЕУ фондовите, ова е најголемата измама во историјата, ограбени се пет милијарди долари (фото)
Италијанските власти тврдат дека криминалците во голем број италијански градови создале измамнички шеми и на тој начин се стекнале со повеќе од 4,4 милијарди евра. Дури и италијанскиот премиер Марио Драги, пишува Блумберг, овој месец, јавно на прес-конференција го крена гласот поради срамниот систем за енергетски стимулации кој не предвидуваше никакви сериозни проверки.
Неговата влада постави построги правила, но штетата од лабаво поставените правила за поттикнување е огромна – од давање „евтини“ можности на организираниот криминал до експлозија на цените во градежниот сектор.
Во основа, огромните износи на стимулации – предвидени да ја подобрат изолацијата на становите и куќите, за подобри прозорци и за почисти и поефикасни бојлери – завршија во инвестиции во други видови имот, вклучувајќи криптовалути и злато.
Програмата за поттикнување на инвестициите во енергетска ефикасност беше дизајнирана едноставно: властите одобрија даночни олеснувања од 110 отсто за климатски реновирање, кои вклучуваа инвестиции во подобри покриви, фасади, системи за греење… Бидејќи програмата беше многу едноставна и прифатлива, до јануари повеќе од 100.000 домови и сопствениците на згради поднеле барање за даночно олеснување од 110 отсто.
Но, се покажа дека проблемот е во тоа што се дозволи овие даночни олеснувања од 110 проценти да можат преку банки и други финансиски институции да се претворат во готовина без посебен надзор и проверка. Условите за поттикнување беа толку широки што премногу Италијанци, креативни и снаодливи се впуштија во акција чија цел не беше да реновираат станови или куќи, туку да добијат пари.
Само во еден случај, во Римини, италијанската финансиска полиција тврди дека открила криминална организација која ги искористила даночните кредити и илегално обезбедила 440 милиони евра.
Италијанските власти не знаат дали треба повеќе да се грижат за масовната измама, криминалот со даночните олеснувања, или поради растот на цените предизвикани од зголемената побарувачка во градежниот сектор и наглиот раст на цените на градежните материјали и опремата. Во некои региони, цените на одредени материјали се зголемени за пет пати.
Благодарение на даночните олеснувања, имаше фантастичен бум во градежните работи, но откако владата ги стопираше стимулациите, дојде до пад на прометот на градежните компании за 30 отсто и протест на претприемачите. Владата повторно им дозволи на банките да одобруваат даночни кредити, но со подетални проверки.
Пред скандалот, уште минатата година, главниот италијански истражител за организиран криминал, Маурцио Валоне , предупреди дека италијанската мафија, Ндрагета, се инфилтрирала во италијанските компании гладни за капитал за да ги искористи парите на Италија од ЕУ во рамките на многу амбициозна програма за закрепнување.
Нејасно е точно колкав финансиски импулс добила италијанската мафија преку програмата за закрепнување на ЕУ или колку ќе добие, но познато е дека минатата година Банка Италија пријавила 7 отсто повеќе сомнителни финансиски трансакции и нивниот број достигна 113.000. Принципот на работа на мафијашите е многу едноставен: тие им даваат пари на сопствениците на бизниси во неволја и на тој начин се позиционираат како тајни косопственици и чекаат исплата од фондовите на ЕУ.