Абазовиќ: Одлуката за поддршка на Црна Гора за влез на Косово во Советот на Европа не е насочена против Србија
На седницата на Одборот за меѓународни односи и иселеници на Собранието на Црна Гора, Абазовиќ рече дека го изненадила иницијативата за контролно сослушување по тој повод.
Во надворешната политика на Црна Гора ништо не се смени и државата води одговорна и конзистентна политика, порача црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ.
Тој денес на контролното сослушување во Собранието на Црна Гора, по повод одлуката на Црна Гора да го поддржи влезот на Косово во Советот на Европа (СЕ), рече дека таквата одлука не е насочена против Србија.
На седницата на Одборот за меѓународни односи и иселеници на Собранието на Црна Гора, Абазовиќ рече дека го изненадила иницијативата за контролно сослушување по тој повод.
„Не би бил изненаден и да гласавме спротивно, па да се свикаше контролно сослушување, тогаш тоа би било оправдано“, рече Абазовиќ.
Тој истакна дека во надворешната политика на Црна Гора ништо не е сменето.
„Црна Гора водеше одговорна и конзистентна надворешна политика“, порача Абазовиќ.
Истакнувајќи дека за барањето на Косово за прием во СЕ се гласало во Комитетот, Абазовиќ рече дека таму членовите на Владата не биле присутни, туку амбасадорката на Црна Гора. Абазовиќ информираше дека амбасадорката пратила допис дека е потребно да се изјаснат по тоа прашање.
„Членовите на Владата доаѓаат од различни политички структури и сите ги почитувам, но повеќето од нив на почетокот прифатија дека водиме конзистентна политика“, рече Абазовиќ и потсети дека на гласањето во Комитетот, Црна Гора со уште 33 земји ја поддржало одлуката за прием на Косово во СЕ.
Абазовиќ, говорејќи за тоа врз што се базирала одлуката, укажа дека членките на Квинта, во рамките на исландското претседавање, сметале дека треба да се почека исходот од дијалогот меѓу Белград и Приштина, што е прифатено по Охридскиот договор.
„Охридскиот договор беше неодамна и во член 4 пишува дека една држава нема да запре друга држава доколку сака да се вклучи во некоја меѓународна организација“, рече Абазовиќ.
Тој истакна дека интересот на Црна Гора во ова е најголем и се огледа во регионалната стабилност и соработка.
„Нашата надворешна политика има посебен сензибилитет кон регионалната соработка. Не можеме да дадеме некој значителен придонес некои големи прашања да се решат, ниту тоа ни припаѓа, но можеме да бидеме пријателски наклонети и да ги повикаме другите страни да најдат заеднички јазик на начин на кој мислат дека треба“, додаде Абазовиќ.
Тој рече дека овој процес никогаш не бил потранспарентен и дека за тоа го известил министерот за надворешни работи на Србија пред гласањето.
„Му реков дека ќе гласаме за прием на Косово и дека во тоа нема ништо против Србија. Дека ние сме држава што го признала Косово и дека се однесувавме како сите други земји што го сториле тоа. Да, целосно ги разбираме државите што не го признаа Косово и имаат ставови спротивни на Црна Гора“, рече Абазовиќ.
Претседателот на Одборот за меѓународни односи и иселеници, Миодраг Лекиќ, рече дека Владата не мора да го известува Одборот за своите одлуки.
„Одлуката ја дознавме од медиумите, таа фазно се одмотува. Сметавме дека е потребно претседателот на Владата и министерот за надворешни работи да го објаснат начинот на одлучување и образложение на оваа одлука. Една компонента на Владата се огласи дека за тоа не знае ништо. Ќе ни биде интересно во што е интересот на државата во овој случај. Имавме домино ефект, една општина донесе одлука за поништување на признавањето на Косово. Оваа земја сериозно ги потресе своите темели, а родоначалник на тоа е претседателот во заминување Мило Ѓукановиќ. Постои политичка географија во Црна Гора и се надевам дека таа нема да стане геополитичка“, истакна тој.
Тој рече дека некои земји на ЕУ биле воздржани за време на гласањето.
„Мислиме дека мерката е да се биде воздржан во момент кога е финалето на прашањето на односите меѓу Србија и Косово. Нам ни се чини, а можеби се лажеме, дека мерката е да се биде воздржан, но знаеме како да продолжиме. Ова ќе продолжи. Парламентарното собрание на СЕ ќе расправа за тоа“, рече Лекиќ.
Пратеникот на Демократскиот фронт, Милун Зоговиќ, оцени дека одлуката на Црна Гора за признавањето на Косово е „најсрамна“ во нејзината историја.
„Тоа е одлука на тиранија, а не демократија бидејќи поранешниот премиер Душко Марковиќ рече дека на тоа се противат 85% од граѓаните. Ова е продолжение на срамна политика. Ако сте биле условени со донесувањето на одлуката, требаше да го кажете тоа и тогаш можеби некој и ќе го разбереше тоа“, реќе Зоговиќ.