Абазовиќ: Црна Гора е подготвена да биде домаќина на Дијалогот Белград – Приштина

– Црна Гора е подготвена да биде домаќин на следната рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина, изјави денеска премиерот во техничкиот мандат Дритан Абазовиќ, по средбата со косовскиот премиер Албин Курти.

– Само што имав важен разговор со премиерот Албин Курти на маргините на Преспа форумот за дијалог. Црна Гора, како пријателска земја на Србија и Косово, но и на сите други во регионот, е подготвена со вклучување на европски и американски претставници, да биде домаќин на следната рунда од дијалогот Белград-Приштина, напиша Абазовиќ на Твитер.

По средбата со Курти на маргините на Форумот во Струга, Абазовиќ изјави дека „промовирањето на мирот, стабилноста и регионалната соработка се една од главните надворешнополитички цели на Црна Гора“.

– Наш заеднички интерес е во отворен разговор да најдеме решение прифатливо за сите страни, посочи Абазовиќ.

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, ги покани лидерите на Србија и Косово на разговори во Брисел следната недела, поради влошената ситуација на теренот.