Состојбата на теренот со пожарот во атарот на селото Буково и кон Стрежевскиот канал е стабилизирана, но и натаму постои опасност од негово ширење.
Регионалниот ЦУК Битола известува дека екипите од Територијалната противпожарна единица, на Националниот парк „Пелистер“, ДПД „Архангел“ и доброволци беа повлечени од терен од пожарот кај месноста Смолево во 23.00 часот. На терен во гаснењето биле активни повеќе од 50 луѓе и пожарот е локализиран но, сè уште постои опасност, бидејќи еден крак од истиот е сè уште активен во густа борова шума и е во правец на селото Буково.
До овој момент не се загрозени населени места и објекти. Во текот на ноќта очекувано се намали интензитетот на горење на оние места каде што пожарот е сè уште активен. Пожарот е одалечен од НП „Пелистер“ околу 10 км – додаваат од Регионалниот ЦУК.
Од Општина Битола информираат дека еден авион за гаснење на пожарите за десетина минути се очекува да ја испушти првата количина на вода на опожарената локација, што ќе биде од суштинска помош за локализација на пожарот кон селото Буково.