Авокадото долго време се смета за суперхрана, но нова студија објавена во Journal of the American Heart Association дополнително потврдува колку може да биде корисно за здравјето на срцето. Научниците анализирале податоци собрани во текот на 30 години, вклучувајќи повеќе од 100.000 испитаници кои не страдале од срцеви заболувања, не доживеале мозочен удар или имале рак на почетокот на студијата.
Резултатите покажаа дека луѓето кои консумирале две авокада неделно (половина овошје по порција) имале 16 проценти помал ризик од кардиоваскуларни заболувања и 21 процент помал ризик од коронарна срцева болест во споредба со оние кои не ги јаделе.
Интересно е што замената на маргарин, путер, сирење, јајца или преработено месо со авокадо, исто така, доведува до намалување од 16 до 22 проценти на ризикот од срцеви проблеми. Сепак, истата замена со јаткасти плодови, маслиново масло или растителни масла не покажала значителни придобивки, објавува „Бест лајф“.
Според научниците од Харвард, причината е високата содржина на здрави мононезаситени масти (MUFA) и влакна што ги содржи авокадото. Освен што е добра за срцето, оваа храна носи и други придобивки. Студија од 2023 година покажа дека редовната консумација на авокадо ги намалува нивоата на вкупен холестерол, го зголемува „добриот“ HDL и го намалува „лошиот“ LDL холестерол.
Исто така, студија објавена во Journal of Nutrition во 2021 година откри дека луѓето кои јаделе авокадо почесто имале помал обем на половината и помал ризик од зголемување на телесната тежина и дебелина во текот на 11 години следење.