Министерката за надворешни работи на Австралија, Пени Вонг, во четврток повика на одговорност и обештетување од Русија за уривањето на авион на Malaysia Airlines во 2014 година, откако Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) ја прогласи Москва за одговорна за трагедијата.
Судот во Стразбур утврди дека Русија не ја проверила целта на ракетата што го собори авионот со 298 патници над украинскиот регион Донецк на 17 јули 2014 година. Во пресудата се наведува дека Москва не ги заштитила животите на луѓето во Боинг 777 кој леташе од Амстердам кон Куала Лумпур и беше погоден од противвоздушна ракета лансирана од проруските бунтовници.
Во несреќата загинаа сите 298 лица во авионот, меѓу кои 196 холандски државјани, 38 Австралијци и четворица Германци. Русија го негира својот удел во инцидентот.
„Го поздравуваме историскиот момент и пресудата на Европскиот суд за човекови права, со која Русија се прогласува одговорна за уривањето на MH17, во чест на 298-те жртви и нивните семејства“, изјави Вонг преку својот профил на платформата X.
Во мај, Советот на Меѓународната организација за цивилна авијација (ICAO) исто така ја прогласи Русија за одговорна според меѓународното воздушно право и ја повика да преговара со Австралија и Холандија за комплетна компензација.
„Оваа пресуда следува по одлуката на ICAO дека Русија мора да се соочи со одговорноста и да ги надомести штетите за овој ужасен чин“, додаде Вонг.
Влиjaнието на пресудата на Европскиот суд е ограничено бидејќи Русија не ја признава неговата надлежност.
Двајца Руси и еден Украинец се осудени во отсуство од холандски суд на доживотен затвор во 2022 година за убиство во 298 случаи. Русија и понатаму го негира своето учество и одбива да ги екстрадира обвинетите.
Русија беше исфрлена од Советот на Европа по инвазијата на Украина во 2022 година, поради што не е повеќе членка на Европската конвенција за човекови права, чија надлежност ја има Судот.
Сепак, Судот, кој е независен од Европската унија, има овластување да одлучува за настани што се случиле до шест месеци по исклучувањето на Русија.