Австралија планира да воведе нови закони до крајот на годината кои ќе ги спречат децата да користат социјални мрежи поради ризиците што тие ги претставуваат за нивното физичко и ментално здравје, изјави премиерот Ентони Албанез.
Сакам децата и младите да се оддалечат од своите уреди. Сакам да ги гледам на фудбалски терен, базен или тениско игралиште. Сакам да имаат вистински искуства со вистински луѓе бидејќи знаеме колкава штета можат да направат социјалните мрежи, изјави Албанез за националната телевизија.
Австралискиот премиер не беше прецизен за старосната граница под која нема да се дозволи користење на социјалните мрежи, но рече дека тоа ќе биде меѓу 14 и 16 години. Дополнително, тој нагласи дека е загрижен за ефектите кои кибер-малтретирањето ги има врз менталното здравје на децата, како и за лесната достапност на содржините на социјалните мрежи кои ги смета за штетни.