– Поранешниот шампион на УС Опен, Доминик Тием ќе се повлече од тенисот на крајот од сезоната, јавија денеска медиумите во неговата родна земја Австрија.
Во изминатите повеќе од две сезони, 30-годишниот Тием имаше многу проблеми со повреди и не можеше да се доближи до нивото на кое играше претходно. Во 2021 година, Австриецот го повреди зглобот и беше опериран, поради што отсуствуваше од терените речиси една година.
Австриските медиуми наведуваат дека Тием оваа есен ќе го одигра својот последен професионален турнир во Виена, а тенисерот веќе им ја соопштил својата одлука на спонзорите.
Тием својот најголем успех го постигна во 2020 година кога ја освои титулата на УС Опен, победувајќи го Германецот Александар Зверев во финалето. Тој има уште две финалиња на Ролан Гарос во 2018 и 2019 година, како и финале на Австралија опен во 2020 година.
На светската ранг-листа највисок пласман му беше позицијата број 3 во пролетта 2020 година, но во моментов е на 117. место.
Тием досега во кариерата има 17 АТП титули, од кои последната во 2020 година.