Австрискиот монструм го префрлија од психијатрија во обичен затвор: Со ќерката имаше 7 деца, а потоа ја држеше во заробеништво 24 години
Австрискиот суд пресуди дека Јозеф Фрицл, кој ја држел својата ќерка во заробеништво 24 години, ја силувал и со неа имал седум деца, може да биде префрлен од психијатриски притвор во редовен затвор.
Државниот суд во градот Кремс во соопштение наведе дека 89-годишниот Јозеф Фрицл може да биде префрлен затоа што повеќе не претставува опасност што бара да биде задржан во психијатриски притвор.
Одлуката беше заснована на сослушувањето на Фрицл на 30 април, како и на извештаите на форензичарите и психијатриските експерти.
Поради напредната деменција на Фрицл и лошото физичко здравје, психијатрискиот притвор повеќе не е неопходен за неговото „комбинирано растројство на личноста“, бидејќи тој повеќе не е изложен на ризик да изврши сериозни кривични дела, рече судот.
Судот изјави дека Фрицл може да биде префрлен во затвор на 10 години условна, но дека не може целосно да биде ослободен.
Обвинителите поднесоа жалба на претходната одлука во јануари според која Фрицл може да биде преместен во редовен затвор, а двете страни имаат право на жалба на последната одлука на судот.
Неговото злосторство стана познато во 2008 година, а следната година беше осуден на доживотен затвор за инцест, силување, принуда, затворање и робување на неговата ќерка, како и убиство од небрежност на еден од неговите малолетни синови.
Фрицл стана познат како „Чудовиштето од Амштетен“ по градот во северна Австрија каде што ја заклучил својата тогаш 18-годишна ќерка во звучно изолираниот подрум на неговиот дом во 1984 година.