– Амбасадорката на САД Анџела Агелер смета дека поранешниот премиер Зоран Заев кој застана во одбрана на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев по неговото ставање на „црната листа“ заради вмешаност во значителна корупција, има право да го стори тоа и да го каже својот став.
-Со поранешниот премиер сум разговарала многу, иако не во последно време. Тој настапи и се зазема за свој пријател и секако има право да го стори тоа. Ќе кажам дека – исто како и со именувањето на Орце Камчев и неговите организации – она што го видовме е дека, често, кога се работи за овие означувања, како и за корупцијата, тоа со кои луѓе работите може да влијае на вашето семејство. Значи, апсолутно е негово право да каже сѐ што сака за неговиот пријател, вели амбасадорката Агелер во гостувањето во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
Кога некој е означен од САД, како во случајот со Анѓушев кој вели дека ќе бара некаков вид на правни лекови, Агелер смета дека тоа е негово право, но додава дека ставањето на „црната листа“ се темели на правна процедура и на докази.
-Повторно ќе кажам, ние не означуваме лица врз основа на сомневања, не означуваме лица врз основа на тоа што мислиме или чувствуваме за нив, тука нема ништо лично. Се работи за правна процедура и како и кај сите правни процедури, оние што биле ставени на листа се добредојдени да ангажираат адвокати од САД и да дејствуваат врз основа на нивното незадоволство. Јас можам да кажам дека сме сигурни во означувањето на тоа лице поради доказите што ги поседуваме. Тој може слободно да се занимава со тоа, но сигурна сум дека таа одлука ќе биде потврдена, рече американската амбасадорка.
Таа наведува дека нивниот фокус не е само на корупцијата, туку дека највисок приоритет во Амбасадата е да ги поддржи напорите на државава целосно да се интегрира во Европа.
-Пред оваа Влада се поставени одредени барања, за да може да продолжи понатаму во пристапувањето кон ЕУ. Ги охрабруваме да ги донесат тие одлуки, било да се работи за опозициските партии, било за Владата, уште еднаш да донесат тешки одлуки и повторно да усвојат амандмани за да продолжат понатаму. Сепак, она што навистина е значајно е државата да ги спроведе реформите што се потребни за целосно да се интегрира внатре во Европа, вклучително и реформите во правосудството, но и во здравството, образованието и други сектори, за целосно да се интегрира во Европа. Тоа ќе ја направи државата посилна, постабилна, попросперитетна и ќе донесе можности што луѓето ги бараат за да не ја напуштат државата и да бараат можности на друго место, вели американската амбасадорка Анџела Агелер.
Во врска со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, американската амбасадорка вели дека сега не е време за политизација.
– Системот не успеа да ѝ помогне на таа млада девојка. Се работи за криминалци, за кои се знаело дека се криминалци, дека се насилни и не се во затвор. Не биле претходно апсени и затворани. Не биле апсени и целосно гонети за нивните претходни злосторства. Цената ја плати една млада девојка, Вања ја плати цената. Сега не е време за политизација. Време е институциите да фрлат еден безмилосен поглед на себе и да се прашаат, што можевме да сториме за да ја спасиме оваа млада девојка и сите други деца во земјава? Зошто дозволуваме криминалците слободно да се движат и да вршат злодела врз кого било во државава? Ова е трагедија и се надевам, се молам, дека оваа држава, граѓаните, институциите и државните претставници ќе се погледнат во огледало и ќе прашаат што правевме, што треба сега да направиме за вакво нешто никогаш повеќе нема да се случи, вели Агелер.