Притисоци врз судската власт во Македонија е нешто што мора да престане. Судиите мора да бидат ослободени за да можат да го практикуваат правото. Граѓаните на оваа земја имаат потреба од тоа, и се повеќе го бараат тоа, порача американската амбасадорка во Македонија, Анџела Агелер во обраќањето на Меѓународна конференција на тема „Уставно-судска заштита на слободата на мислата и слободата на јавно изразување на мислата“, организирана од Уставниот суд по повод 60 години од неговото основање со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Таа ја нагласи како што рече витална и незаменлива одговорност на Уставниот суд во изминатите шест децении во заштитата на основните човекови права, вклучително и слободата на говорот.
-Во САД и тука во Северна Македонија овој суд е од суштинско значење за да се овозможи транспарентно и правично општество. Сите треба да ја почитуваат независноста на судиите кои што треба да бидат слепи за политичките влијанија и јавните мислења и да бидат водени од начелата кои што се втемелени во нашите устави. Американскиот уставен судија се уште смета дека нашиот Устав не е напишан во песок за да може да се измие со секој бран од нови судии кои што се под влијание на политички бранови. Притисокот кој што е ставен врз судиите во овие судови може да биде огромен. Ние како граѓани инстистираме притисоци да бидат елиминирани и нашите судии секогаш да бидат независни без оглед на нивното потекло и лични мислења, рече Агелер.