Агелер: Присуството на Блинкен на Министерскиот совет на ОБСЕ е знак дека САД ја цени Р. Македонија и нејзината улога во регионот
Доаѓањето на Државниот секретар Ентони Блинкен на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје е многу значајно особено за успешно завршената „вонредна“ работа на министерот за надворешни работи Бујар Османи, неговиот тим и тимот од ОБСЕ во Виена, смета амбасадорката на САД во земјава Ангела Агелер. Во интервју за емисијата „Стадион“ на Канал 77 Агелер рече дека, одржувањето на министерскиот Совет на ОБСЕ беше сериозно тешка задача особено поради инвазијата на Русија врз Украина. Сепак амабасадорката потенцира дека државата успеа да ги донесе сите лидери од целиот свет вклучително и секретарот Блинкен кој со неговото присуство го покажа значењето на ОБСЕ и Република Македонија и нејзината улога во регионот.
„Тоа е нешто што ние во САД многу го цениме, дека оваа држава може да игра улога да донесе различни држави и различни лидери, со различни погледи и ставови, често спротивставени едни на други, дури и непријателски, оваа држава може да ги собере на едно место, како што прави од моментот кога стана држава, да собере на едно место различни гласови и да постигнат согласнот. Значи, присуството на државниот секретар беше мошне значајно, и се надевам дека вашите слушатели го ценат тоа, тоа признание за одличната работа што оваа држава ја заврши“, рече Агелер.
Агелер во Канал 77 зборуваше и за Помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан кој за уставните измени неоамна рече дека „Не би гласал за некој што вели „имам подобра понуда, но не кажувам каква“, мислејќи за опозицијата. Агелер оваа изјава на О’Брајан ја оценува како порака со која помошник-државниот секретар на САД сакал да ги разбере ставовите на сите политички играчи на сцената, и секако сака да го разбере планот на опозицијата, каков план имаат за движење на земјата кон европските интеграции.