Агелер: Ќе следуваат повеќе назначувања, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција
Денешното именување на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев и неговото семејство е уште еден доказ дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во оваа земја и во регионот, без разлика на нивната позиција, политичка определба или времето на злоупотребите, објави американската амбасадорка Анџела Агелер.
По одлуката на американскиот Стејт департмент за означување на Анѓушев на „црната листа“, Агелер во објава на платформата Х, најавува дека ќе следат повеќе назначувања.
– Ќе следуваат повеќе назначувања, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија. На крајот на краиштата, останува на функционерите и граѓаните на оваа земја да побараат одговорност и промени, објави Агелер на платформата Х.
САД, претходно денеска, го означија Кочо Анѓушев, како генерално неподобен за влез во Соединетите Американски Држави, поради неговата вмешаност во значителна корупција, соопштија денеска од американскиот Стејт департмент.
– Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси, се наведува во соопштението објавено од Стејт департментот.
Денешната акција, се вели во соопштението, покажува дека САД стојат со оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери.
На црната листа на САД, поради корупција, претходно се најдоа и Никола Груевски, Сашо Мијалков, Рамиз Мерко, Орце Камчев, Ратка Камчева и Сергеј Самсоненко.