– Процесот на промоција и брендирање на државата за привлекување инвестиции и промоција на туризмот почна пред 15-тина години. Во тој период, промоцијата се одвиваше агресивно, со правење мрежа од економски промотори низ повеќе светски центри, присуство на конференции, саеми, организирање роуд шоуа… Со промената на владејачката структура, се промени и начинот на промоција, кој сега се реализира преку економските советници во дипломатските претставништва во Полска, Германија, Турција и Обединетите Арапски Емирати.
За тоа како се одвиваше промоцијата во минатото, а како сега, и кои се придобивките, МИА разговараше со актуелниот и поранешниот директор на Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни зони Јован Деспотовски и Виктор Мизо, кој беше и на чело на Агенцијата за промоција на странски инвестиции, како и со поранешниот промотор Филип Нелковски.
Став беше побаран и од Министерството за надворешни работи, кое сега го реализира проектот. Концептот за реорганизација на економската дипломатија е донесен кон крајот на 2020 година, а МНР како носител, користејќи ја мрежата на дипломатско-конзуларните претставништва ги спроведува економските политики преку промовирање на националните економски интереси во странство.
По направените анализи на претходниот модел на економска дипломатија, МНР, како што информира оттаму, донело заклучок дека се неопходни промени во организациската поставеност и да се промени и дополни актуелниот концепт.
– За таа цел, изработен е ревидиран модел на економска дипломатија, кој кореспондира со потребите на нашата економија, но и согласно спецификите на земјите врз кои, после извршена анализа, ќе биде ставен фокус на економската промоција на нашата земја преку ДКП-та. Имено, преку изработка на специфичен пристап насочен кон одредена земја или т.н. „Tailor-made approach“ за секоја земја/регион, кои се таргетирани како стратешки важни за реализирање на главните цели во зависност од потенцијалот за економска соработка, се врши и зајакнување на дипломатско конзуларните претставништва во тие земји со економски советници, кои се всушност дипломати, стручни и обучени економски профилирани кадри да делуваат во оваа конкретна област, појаснува МНР.
Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Деспотовски вели дека имаат добра соработка со МНР, но и со дел од поранешните промотори и оти нивното искуство, контакти и поддршка се значајни.
– ТИРЗ секако има добра соработка со секторот на економска дипломатија во Министерството за надворешни работи, кое ги координира нивните активности. Можеби е се уште рано да се говори за конкретни резултати, но секако нивниот придонес за воспоставување на контакти со потенцијални инвеститори е значаен, истакнува директорот Депостовски.
Неговиот претходник, Виктор Мизо смета дека промоторите, како дел од тимот задожен за странски инвестиции, кои работеле преку роуд шоуа на презентација на државата или присуство на соодветни настани, овозможиле поконкретно презентирање на државата и на можностите за инвестирање пред големи мултинационални компании, бизнис асоцијации и направиле придвижување од тогашната нулта точка. Забележува дека државата е мала и непозната за дел од светот, а нивната работа била да претстават дека постои држава која нуди конкурентни предности и на располагање има систем кој ќе помогне една инвестиција да биде исплатлива и за компанијата и за државата.
– Знаевме дека инвеститорите нема сами да дојдат и затоа имавме агресивен пристап, а промоторите беа дел од стратегијата да се презентира Македонија како бизнис дестинација и тоа на најдиректен можен начин. Дополнително, тимот за привлекување на инвестиции беше дел од многу обуки од страна на IDA Ирска, Czech Invest, PAIZ Полска, Светска Банка, Financial Times. Мрежата на економски промотори, која претходно постоеше преку Агенцијата за странски инвестиции лоцирани во нашите дипломатски претставништва, беше укината во 2017 година. Во последниот период преку МНР на четири дестинации во Европа и Блискиот Исток испратени се некаков вид економски промотори, кои доаѓаат од дипломатската фела, вели Мизо.
Според него, промоцијата на државата преку економски промотори, со дирекно брендирање и реклама на бизнис и туристички медиуми, или преку присуство на економско промотивни настани може да е единствено успешна доколку е континуирана, усогласена од страна на различните државни институции, кои се вклучени во овие процеси и долгорочна, поставена врз соодветна анализа и стратегија. Како пример ги посочува Ирска, Јужна Кореа, Турција, Мароко, Индонезија, Индија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин…, земји кои активно работат на промовирање и покажале успех.
– Реално гледано, многу малку од ова се случува во пракса кај нас во изминатиов период. Губењето на тој континуитет и меѓународно присуство резултира со тоа добар број од долго негуваните контакти и потенцијални инвеститори да го изгубат интересот за идни инвестиции во Македонија како инвестициска локација. Дополнително, многу малку од претходните искуства, информации и знаења на тема странски инвестиции се системски и паметно искористени, вели Мизо.
Во претходниот тим за промоција, според него, биле вклучени луѓе кои работеле во мултинационални компании и кои живееле и биле едуцирани во странство.
– Тогашниот тим беше составен од професионалналци, кои претходно работеле во врвни компании, живееле и биле едуцирани во странство, а не во најголем дел од државни административци, кои се многу повеќе бирократски настроени, вели Мизо.
Забележува дека од нулта стартна позиција, се стигнало до една прилично добра бројка на компании, пред се од автомобилската индустрија, кои ја ставиле земјава на инвестициската мапа.
– Не сум сигурен дали сеуште државата работи на директно промовирање, активно презентирање и претставување кон таргетирани странски инвеститори од соодветни сектори или пак повеќе се „чека“ инвеститорите да не контактираат нас бидејќи ова веќе не е приоритетен фокус, забележува поранешниот прв човек на ДТИРЗ и Агенцијата за странски инвестиции.
Сега, како што нагласуваат од МНР, фокусот е ставен на таргетирано промовирање врз основа на нашите економски интереси, во директна соработка и координација со ресорните министерства и државни органи, преку амбасадите и конзуларните претставништва…, и со вклучување на дијаспората. Економските советници, велат од МНР, се професионални дипломати со изграден економски профил, кои имаат задача да ја промовираат државата и да привлечат што поголем број инвеститори.
Поранешниот промотор Филип Нелковски појаснува дека работата на промоторите е да се присутни во земјите каде се пратени, да дознаваат информации од корпоративниот свет, особено за нови инвестициски проекти и да ги споделуваат со одговорните.
– Во овој систем сега, не гледам дека има некаква хиерархија и тоа го користат конкурентите, како на пример Србија, која беше далеку зад нас пред 15 години, што сега не е случај, забележува Нелковски.
Министерството за надворешни работи тврди дека мерката за ангажирање економски советници, е целосно оправдана.
– По нивните остварени средби со илјадници компании и претставници на странски економски институции, присуство на реномирани меѓународни настани, организирање на промотивни форуми, посредување во контактите на странските компании со домашни институции итн., можеме да очекуваме дека ќе пристигнат и конкретни резултати, велат од МНР.
Нивната активност, според Министерството, не е можно веднаш да даде резултати на дневна или месечна основа, бидејќи одлуката на странска компанија е процес кој не се одвива преку ноќ.
– Компанијата прво треба да се запознае со условите и поволностите што ги нудиме за СДИ, да направи целосна анализа на сите потребни услови и да ја започне постапката за инвестицијата. Тоа е процес кој трае, додаваат од МНР.
Според искажаниот интерес на странските компании досега, посочуваат, можеме да очекуваме позитивни ефекти како резултат на конкретна реализација на активностите на нашите економски советници.
– Според нашите анализи и бројот на сериозни компании чии претставници доаѓаат во нашата земја на средби со надлежните владини ресори, Северна Македонија веќе е во фокусот и интересот на многу инвеститори кои се во различни фази на донесување одлука за нивните инвестиции. Отворени се и многу можности кон зголемување на присуството на туристи од богатите земји, инвестиции во делот на енергетиката, земјоделството, недвижностите, инфраструктурата, транспортот и другите сектори кои придонесуваат за економскиот развој, нагласуваат од МНР.
За илустрација посочуваат дека во моментот во државата присутни се над 200 германски и 50 австриски компании, а интерес искажуваат и многу други за чија реализација се надевааат дека ќе се случи во скоро време.
Резултатите од Стратегијата од 2007 година, поранешниот промотор Филип Нелковски ги оценува како одлични, посочувајќи ја структурата на извоз, од која 60 отсто отпаѓа на фабриките на странски инвеститори. Смета дека државата сега е препознатлива во корпоративниот свет на странски инвестиции, постоечките компании реинвестираат, но дека нема изградено бренд, што е основа за привлекување инвестиции.
– Во 2006 година сме немале ни план ни идеја како да настапиме на овој исклучително конкурентен пазар на привлекување инвестиции. За извоз не можешр да станува збор пред 15 години. Во Белгија пред 10-15 години сме извезувале по неколку палети ајвар, а сега цели автобуси во вредност од 150-200 милиони евра. Тоа е резултат на кампања, забележува Нелковски.
Посочува дека сега земјава е светски познат извозник на производи на автомобилски делови, а структурата на работна сила станала поквалитетна од пред 15 години.
– Тоа секако не беше случај пред 15-тина години. Се сеќавам на почетоците во нашите презентации, како референци наведувавме ниско-развојни компании без додадена вредност, како на пример Форнети. Сега е тоа сосема различно, од Македонија се произведуваат производи со голема додадена вредност, но најважно е тоа што структурата на работна сила стана поквалитетна, вели Нелковски.
Крајната цел, вели Нелковски, е државата да биде конкурентна пред компаниите кои бараат квалификувана работна сила по конкурентни цени.
– Кога сме се бореле да привлечеме една компанија да дојде да произведува во Македонија, не било важно дали некој е член на политичка партија, туку дали има резултати, кои се лесно мерливи. На глобално ниво се бориме со агенциите Сарио, со Сиепа, со Чек Инвест, а не со локална политичка партија. Концептот не го смисливме ние, туку ни беше пренесен од страна на некои кои го направиле истото пред нас. Конкретно ние го користиме моделот на некои успешни приказни, како на пример Ирска, но и други. Од денешна гледна перспектива, проектот Инвест Македонија ги надмина своите очекувања и придонесува и натаму за економскиот раст на државата, иако тоа е некако по инерција и резултат на минат труд, а од она што го гледам – без некоја посебна стратегија како тоа да се надгради, вели Нелковски.
Во рамки на пилот проектот на Владата, економските советници се испратени во оние земји каде што има реален потенцијал за зголемување на економската соработка. Во моментот има четворица економски советници – по еден во Полска со надлежност и за Чешка, Словачка и Унгарија, во Германија со надлежност и за Австрија, како и во Турција и во Обединетите Арапски Емирати со надлежност и за Кувајт, Бахреин, Оман и Саудиска Арабија.