,,Адвокатите жестоко ќе го бранат Палевски” – Помошник на началникот: Некој мора да ги признае грешките и пропустите (фото)
Македонските истражни органи ја открија почетната и крајната точка од каде била киднапирана 14-годишната Вања Ѓорчевска и однесена на местото каде што била убиена. За ова кривично дело осомничени се пет лица, како и за убиството на седумдесет и четиригодишниот фризер Панчо Жежовски на чело со Љупчо Палевски Палчо. За трагедијата да биде уште поголема, се сомнева дека во сето ова учествувал и таткото на убиеното девојче Вања.
Сите осомничени се уапсени, додека Љупчо Палевски Палчо по бегството е фатен во Турција и во тек е постапката за негова екстрадиција. Во последните настапи на македонската полиција се изнесуваат нови детали и истраги, а јавноста и струката сè уште поставуваат многу прашања за самото киднапирање и за водењето на истрагата, на кои, за жал, сè уште нема одговори.
Дејан Раденковиќ, поранешен помошник началник на одделот за криминалистичка полиција на МВР на Србија, истакна дека главното прашање е зошто полицијата не постапила според методологијата на работа, уште од убиството на фризерот Жежовски. Во тој случај, како што вели, можело да се избегне убиството на малата Вања Ѓорчевска.
– Ништо не беше направено како што треба. Кога бил пријавен за исчезнат, локалната полиција не постапила соодветно. По добивањето на пријавата, полицијата мораше да излезе на местото на настанот, да разговара со соседите… Секогаш следете ја процедурата кога станува збор за исчезнување на лице – вели Раденковиќ.
Посочува дека е убеден оти, доколку веднаш се отпочнеше потрагата по него, ќе беше спречено убиството на малата Вања.
Мистериозно возило
И Раденковиќ се прашува како е можно полицијата да не тргнала во потрага по возилото на убиениот Панчо, кога било забележано дека и тоа го нема.
– Има паметни камери, само внесете го регистарскиот број и ќе ве известат кога ќе го снимаат тоа возило – вели Раденковиќ.
Исто така, се поставува прашањето зошто некому навистина му требало возило на старец и зошто би морал да убие човек поради тоа, кога возилото може да се украде на секој чекор.
-По монструозните убиства Палчо се однесуваше сосема нормално. Имаше настапи, се рекламираше на социјалните мрежи… Ќе видиме дали е психопат. Сигурно ја злоупотребил својата општествена положба која ја стекнал со политичка инволвираност – вели Раденковиќ.
Имаше информации ,,од внатре”
Поранешниот помошник началник на одделот за криминалистичка полиција на српското МВР, Раденковиќ, тврди дека убиецот сигурно имал информации за насоката на истрагата и дека по тој основ постапил за да избега од државата.
Интересно е и тоа што заминува во Белград со адвокат, бидејќи очигледно сакал да го има „при рака“, вели Раденковиќ.
– Тој сигурно имал информации како се одвивала потрагата по Палчо и дека полицијата не презема апсолутно ништо во врска со случајот. Затоа и толку опуштено го правеше тоа што го правеше. Апсолутно сум сигурен дека имал помошник, односно некој што му кажал во која насока оди истрагата. Сигурен сум дека ќе ги искористи сите правни средства со кои располага да ја одложи екстрадицијата, адвокатите добро ќе ја подготват одбраната – вели Раденковиќ.
Шпекулациите дека во целиот случај е вмешана секта, Раденковиќ ги оценува како можност дека полицијата на Македонија намерно објавува лажни информации, за да го оттргне вниманието од истрагата.
– Љупчо бил ултрадесничар, но не верувам дека работел за македонската служба за државна безбедност. Но, дали бил соработник на некој од нив, тоа е можно. Љупчо имал врски со „валкани полицајци“, поточно со тоа полициско подземје, – вели Раденковиќ.
Тој очекува и екстрадицијата да трае до една година, а обвинетиот Палчевски да ги искористи сите средства за да ја избегне правдата во неговата земја.
Улогата на таткото
– И како човек и како професионалец не можам да верувам дека некој би го дал своето дете на дланка на вакви чудовишта. Сме имале случаи родители да ги тргуваат своите деца, но вакво нешто… Мора да се внимава, сепак, кога е во прашање улогата на таткото. Тој секако има улога во сето тоа – вели Раденковиќ.
Тој изразува и неверување дека делото е сторено од личен интерес.
– Не учествувам во истрагата – но овде немаме никакви докази дека се работи за личен интерес. Како што слушнавме, имаат и лопати и копачи за копање дупки. Го носат девојчето во селскиот атар, без никогаш да побараат откуп од нејзините родители. Немаме никаков елемент на личен интерес – вели Раденковиќ.
Некој мора да каже дека има полициски пропусти
– Да го бараа возилото од почеток, немаше да дојде до ова. Тие воопшто не го третираа настанот како важен. Апсолутно мислам дека има пропусти на полицијата и дека ако е сериозна држава некој ќе треба да и’ се обрати на јавноста и да каже – да, имало пропусти во овој и тој сегмент. Но, ретко кој ќе си дозволи да го направи тоа. Но, има и голем притисок од јавноста – вели Раденковиќ.
Во фаќањето на Палевски учествуваа и српските безбедносни служби
– Ја контактирале полицијата на РС, колку што можам да видам, нашите (српските) безбедносни служби биле вклучени во лоцирањето на Палевски. Тој ја преминал границата сосема нормално. А самиот факт што тргнал со адвокат покажува дека планирал да има обезбедување покрај себе, доколку нешто се случи. Тој е човек кој знаел да манипулира – нема да ме чуди ако ги убеди овие луѓе дека криминалите навистина се направени за 500 евра и за личен интерес – заклучува Раденковиќ за ТВ Блиц.