Аеродром: Во Лисиче ќе се гради само една зграда – нема бетонизација

Советот на Општина Аеродром, на вчерашната седница го усвои деталниот урбанистички план за дел од населбата Лисиче кој предвидува изградба само на една зграда, два паркови и решава важни урбанистички и комунални прашања на граѓаните кои живеат во овој дел од општината. Финалната верзија на урбанистички план е изработена да го унапреди урбаното живеење и да го подобри квалитетот на живот во Аеродром и во истата се инкорпорирани забелешките и мислењата на сите засегнати страни.

Со донесувањето на урбанистичкиот план, Општина Аеродром уште еднаш покажа отвореност, транспарентност и грижа за проблемите на граѓаните и истиот отвора можност за понатамошен економски развој на општината. Изработката на деталниот урбанистички се реализираше транспарентно и во неколку фази, со вклученост на граѓаните и експертската јавност. Дополнително, ДУП-от за дел од населбата Лисиче доби позитивно мислење од сите надлежни институции, вклучително Министерството за транспорт и врски, Министерство за животна средина, Градот Скопје и сите надлежни институции.

Потенцираме дека станува збор за Детален урбанистички план кој решава важни, децениски прашања на граѓаните и отвора простор за развој и ново зеленило во општината. Од тука, целосно неточни се тврдењата за наводна бетонизација на општината и тие единствено одат во прилог на дневно политичките интереси на одредени политички структури, чија деструктивност, неодговорност и несериозност веќе е потврдена во неколку наврати, реагираат од Општина Аеродром.