Азискиот раст забавува поради трговските конфликти: ММФ предвидува пад од 4,6% на 4,1% до 2026 година

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) денес предупреди за „значајни ризици од намалување“ за глобалниот економски раст поради новите тензии меѓу Кина и Соединетите Американски Држави.

Директорот на Одделот за Азија и Пацификот во ММФ, Кришна Сринивасан, изјави дека евентуалното воведување повисоки тарифи и прекини во синџирите на снабдување би можеле да го намалат глобалниот раст за 0,3 процентни поени, пренесува Блумберг.

Кинеско-американските односи неодамна повторно се влошија откако САД ги проширија технолошките ограничувања и предложија воведување царини за кинеските бродови што влегуваат во американските пристаништа.

Кина одговори со построги контроли врз извозот на ретки земни метали и други клучни материјали, дополнително зголемувајќи го нивото на неизвесност во меѓународната трговија.

Сринивасан нагласи дека последиците од овие потези ќе бидат видливи преку нарушувања во синџирите на снабдување и евентуално зголемување на премиите за ризик, што би можело да ги зголеми и каматните стапки во регионите погодени од трговската неизвесност.

ММФ очекува економскиот раст во Азија да забави од 4,6 проценти во 2024 година на 4,5 проценти во 2025 година и на 4,1 процент во 2026 година.

Азиската економија во моментов е отпорна благодарение на силниот извоз, технолошкиот бум и поволните макроекономски услови, но Сринивасан нагласи дека трговските тензии остануваат главен извор на нестабилност.