Ако сакате да го намалите ризикот од дијабетес, избегнувајте ги овие три пијалоци

Ако сме меѓу оние на кои им е тешко да им одолеат на засладените пијалоци, можеби е време повторно да размислиме колку често ги пиеме. Иако повремената консумација се смета за прифатлива, редовното уживање во пијалоци со додаден шеќер – особено ако имаме зголемен ризик од дебелина, дијабетес или срцеви заболувања – може сериозно да ни наштети на здравјето. Диететичарите и нутриционистите Џеси Федер и Крутика Нанавати предупредија за три вида пијалоци кои треба целосно да се елиминираат или барем значително да се ограничат ако сакаме да го намалиме ризикот од дијабетес, дебелина и срцеви заболувања.

1. Газирани пијалоци

Газираните пијалоци се познати по тоа што содржат многу шеќер и калории, а не нудат никаква хранлива вредност.

„Газираните пијалоци засладени со шеќер обично се многу богати со шеќер и калории. Тие не нудат вистинска хранлива вредност и можат да бидат доста зависност поради нивниот привлечен вкус“, вели Федер за SheFinds.

Ако се обидуваме да ослабеме или да го контролираме шеќерот во крвта, газираните пијалоци можат да го отежнат тоа.

,,Големата количина шеќер и калории лесно може да доведе до акумулација на масти во абдоминалната област и да спречи губење на тежината“, додава Федер.

2. Енергетски пијалоци

Иако им помагаат на многу луѓе да го надминат напорниот ден, повеќето енергетски пијалоци содржат големи количини шеќер, калории и кофеин.

„Засладените енергетски пијалоци се богати со шеќер, калории и кофеин“, вели Федер.

Освен што доведува до зголемување на телесната тежина, високите нивоа на кофеин можат да го нарушат сонот, да го зголемат нивото на стрес и да го покачат кортизолот. Ваквите пијалоци го зголемуваат и ризикот од срцеви проблеми, како што е аритмијата. Наместо тоа, подобро е да се напиете шолја кафе или зелен чај.

3. Овошни сокови

Свежо исцедените сокови со пулпа можат да бидат корисни во умерени количини, но индустриските овошни сокови без влакна често се полни со додаден шеќер и можат да предизвикаат ненадејни скокови на шеќерот во крвта.

Нанавати предупредува: „Консумирањето големи количини овошен сок може да доведе до значителен внес на шеќер, што е поврзано со воспаление и акумулација на маснотии на стомакот“. Покрај тоа, прекумерната консумација на засладени сокови го зголемува ризикот од зголемување на телесната тежина, дијабетес тип 2, срцеви заболувања, заболувања на црниот дроб и бубрезите.