Активистката Грета Тунберг започна штрајк за поддршка на Палестина

– Шведската еколошка активистка Грета Тунберг објави дека започнала штрајк за поддршка на Палестина.

„Денес штрајкуваме во знак на солидарност со Палестина и Газа (Појас Газа)“, напиша Тунберг на социјалната мрежа Х.

Не се наведени детали за каков конкретно штрајк станува збор.

Газа се соочува со тешка хуманитарна криза, без струја, а водата, храната, горивото и медицинските материјали се при крај.

Конфликтот во Газа, која е под израелско бомбардирање и блокада од 7 октомври, започна кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, повеќестран ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел по копно, море и воздух. Се наведува дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на израелските доселеници.

Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа.

Според податоците на Министерството за здравство, бројот на загинати во Газа за време на израелските бомбардирања порасна на 4.137, а бројот на повредени на 13.300, додека повеќе од 1.000 луѓе се водат како исчезнати.