Албанија загуби 14,5 % од населението од 2011 година, покажа пописот на население

– Албанскиот институт за статистика (ИНСТАТ) објави дека Албанија има над 2,4 милиони жители, што е намалување за 420.000 во однос на последниот попис во 2011 година.

Генералниот директор на ИНСТАТ, Елса Дули, ги сподели со јавноста податоците за пописот на населението што беше организиран од 18 септември до 15 ноември 2023 година. Информирајќи дека Албанија има 2.402.113 жители, Дули рече дека 50,4 % од населението се жени, а 49,6 % се мажи.

Таа посочи дека албанското население го сочинуваат 755.950 семејства, со просек од 3,2 члена по семејство.

Дули појасни дека во последните 30 години има значителни промени во демографската структура на Албанија.

Според податоците на ИНСТАТ, бројот на жители во земјава е намален за 420.000 или 14,5 % во однос на пописот од 2011 година.

Според етничката припадност, во земјата живеат 2.186.917 Албанци, 23.485 Грци, 12.375 Египќани, 9.813 Роми, 7.057 Бугари, 2.963 Бошњаци, 2.281 Северномакедонци, 3.798 се изјасниле за друга етно-културна група, 2.459 Власи, 584 Срби, а 511 Црногорци и други.

На пописот одржан во Албанија 13.507 лица преферирале да не се изјаснат за етничката припадност, а за 134.451 лица нема достапен одговор.

Резултатите од пописот на населението покажаа дека според религиозните верувања, во Албанија живеат 1,1 милион муслимани, 201.530 католици, 173.645 православни, 115.644 бекташи, 85.311 атеисти и други, додека околу 214.000 луѓе не сакале јавно да се изјаснат за својата религиска припадност.

Во Албанија 31,6 % од населението живее во главниот град Тирана, 10 % во Фиер, 9,7 % во Елбасан, а остатокот во другите градови и населени места.