Албанската влада усвои предлог-договор за соработка со РСМ за формирање заедничка група за борба против организираниот криминал
– Албанската влада на вчерашната седница усвоила Предлог-договор за соработка со Република Северна Македонија за формирање заедничка група за борба против организираниот криминал, јавија албанските медиуми.
– Врз основа на овој договор ќе се создаде заедничка група која ќе се занимава со одредени прашања поврзани со организираниот криминал. Ова е многу значаен документ со кој уште повеќе се доближуваме кон нашиот сосед и пријател, РСМ. Со нашите македонски колеги минатата година сме имале најмалку 20 заеднички успешни акции, изјавил Бледи Чучи, министер за внатрешни работи.
Според него, договорот се очекува набрзо да биде ратификуван во Парламентот на Албанија.
Инаку, албанската влада на истата седница донесе одлука со која на граѓаните од земјите на Западен Балкан за влез во земјата нема да им биде потребна патна исправа, туку тоа може да го направат со валидни лични карти. Оваа одлука стапува во сила веднаш.
Македонските, како и албанските граѓани, повеќе од една деценија го користат ова право, односно за влез користат биометриски лични карта.