АЛБИН КУРТИ ТВРДИ ДЕКА АЛЕКСАНДАР ВУЧИЌ ОДБИЛ ДА ГО ПОТПИШЕ ДОГОВОРОТ !? Претседателот на Србија жестоко му одговори: “Ова се трикови на властите од Приштина!“
Премиерот на Косово, Албин Курти, во четвртокот во Брисел изрази подготвеност да го потпише договорот за патот кон нормализација и неговиот анекс за имплементација, додека претседател на Србија, Александар Вучиќ, како што се наведува во соопштението на косовската Влада, одбил да го стори тоа.
Александар Вучиќ и Албин Курти во четвртокот беа поканети во Брисел каде на маргините на самитот на ЕУ, одвоено разговараа со лидерите на Германија, Франција и Италија и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедносна, Жозеп Борел, и специјалниот пратеник за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.
„Република Косово го прифати основниот договор предложен од Европската унија на 27. февруари 2023 година и анексот за негово спроведување од 18. март 2023 година во Охрид“, објави Албин Курти во соопштението за медиумите.
ЕУ тогаш, на 27. февруари и 18 декември, објави дека двете страни се согласиле со овие договори, но тие не биле потпишани. Албин Курти уште тогаш изјави дека е подготвен да потпише, но Александар Вучиќ одби.
Александар Вучиќ во четвртокот, по серијата состаноци, на новинарите им кажа дека не е точно дека одбил да потпише денес бидејќи немало дискусија за тоа.
„Тоа се трикови на приштинските власти, кои на своите медиуми им даваат до знаење дека Александар Вучиќ одбил, а поентата е дека не станува збор за потпишување, туку за спроведување на она што некогаш беше потпишано и договорено во меѓувреме“, порача Александар Вучиќ.
Тој додаде дека на тие средби не се зборувало за никакво потпишување, туку за имплементација на претходно потпишаното, меѓу другите договори за формирање заедници на општини со српско мнозинство од 2013 година, што се уште не е спроведено.
„Србија, во согласност со својата политика, јасно кажа дека сака да се спроведат сите договори, од оној за формирање на заедница на општини со српско мнозинство од 2013 година до оние кои подоцна беа постигнати во Брисел и Охрид“, изјави Александар Вучиќ.
Истовремено, тој додаде дека секогаш нагласувал дека Србија не може да прифати членство на Косово во ОН или независност на Косово, но дека е подготвена да спроведе се што е договорено. Тој порача дека последниот европски предлог за статутот на заедницата на општините со српско мнозинство претставува добра основа за продолжување на работата во иднина.
Во соопштението на косовската Влада се вели дека Александар Вучиќ одбил да го потпише договорот со Косово и побарал да се прифати придружното писмо со кое практично ќе се поништат трите принципи на основниот договор, анексот за имплементација и предлогот на петте делегати од 21. октомври – предлог за статут на заедницата на општините.
Во текстот на договорот, кој според ЕУ е договорен на 27. февруари, се вели дека двете страни ќе развиваат нормални, добрососедски односи засновани на еднакви права, дека взаемно ќе ги признаваат документите и националните симболи, вклучувајќи пасоши, дипломи, регистарски таблички и царински печати.
Двете страни ќе се водат од целите и принципите утврдени во Повелбата на Обединетите нации, особено оние за суверена еднаквост на сите држави, почитување на нивната независност, автономија и територијален интегритет, правото на самоопределување, заштита на човековите права и недискриминација.
Во текстот се наведува и дека страните тргнуваат од претпоставката дека ниту една од двете не може да ја претставува другата во меѓународната сфера или да дејствува во нејзино име, а Србија нема да се спротивстави на членството на Косово во ниту една меѓународна организација.
Оваа одредба е во спротивност со изјавата на Александар Вучиќ дека никогаш нема да ја признае независноста на Косово и членството во ОН.