Александар Вучиќ е убеден дека во обидот за државен удар во Русија удел имале и странски сили: “Ова го реши сам Владимир Путин!“
„Србија како сериозна земја нема да поддржи државен удар во ниту една земја. Ова е нешто што се подразбира. Ние не го поддржавме пучот ниту во Турција, ниту во Русија, ниту во САД. Власта се добива на избори“, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во гостувањето на ТВ Пинк, коментирајќи го вчерашниот обид за државен удар во Русија.
„Ова не е настан што нема да остави последици и за ситуацијата на бојното поле во Украина и за внатрешно-политичката ситуација. Мислам дека ова ќе има длабоки и сериозни последици“, вели тој.
Александар Вучиќ е убеден дека странските сили вмешале прсти во вчерашната кампања на Евгени Пригожин и неговите борци од групата Вагнер.
„Како претседател не сакам да зборувам за тоа кој е вмешан надвор, но не се сомневајте… За разлика од повеќето кои мислат, мислам дека ова ќе има сериозни последици. Владимир Путин зборуваше за Првата светска војна, не знам колку гледачи знаат, дека Русија не изгубила во Првата светска војна. Имаа неколку поделби, но тешката состојба внатре и странските служби кои го нарушија единството во Русија, доведоа до немири во земјата. И покрај обидот на Керенски да ги сврти работите во успешна битка во јуни 1917 година, изби Октомвриската револуција, која доведе до деценија уништување на се што е православно, а деценија уништување на економијата“, вели претседателот на Србија.
Александар Вучиќ кажа и дека ситуацијата е решена исклучиво благодарение на претседателот на Русија, Владимир Путин.
„Секоја чест за Александар Лукашенко, но Владимир Путин го заврши ова“, заклучува тој.