Александар Вучиќ пред Советот за безбедност на ОН побара мерки за спречување на “прогонот“ на Србите од Косово
„Ситуацијата на Косово, предизвикана од одлуката на косовските власти да го забранат динарот во платежните трансакции, е во спротивност со резолуциите и повелбите на Обединетите нации (ОН) и може да предизвика непоправлива штета“, порача во четвртокот претседателот на Србија, Александар Вучиќ на вонредна седница на Советот за безбедност на ОН.
Состанокот е свикан на барање на Србија, откако со одлуката на Централната банка на Косово (ЦБК) од 1. февруари – воведе плаќања и готовински плаќања исклучиво во евра, со што се зголеми загриженоста на српската заедница во Косово бидејќи земаат плати и пензии од Србија во динари кои ги користат за купување и продажба.
Александар Вучиќ кажа дека властите во Приштина ги интензивираат „систематските напади“ врз српското население и дека таквите акции во отсуство на соодветна реакција, можат да предизвикаат непоправлива штета за опстанокот на српскиот народ на Косово и Метохија.
Тој наведе податоци дека Србија од својот Буџет исплаќа 60.946 плати и пензии на Косово, 2.430 студентски стипендии и финансира народни кујни за околу 2.000 социјално најзагрозени граѓани, нагласувајќи дека е „очигледно“ дека забраната за плаќање во динари и укинувањето на динарот како платежно средство директно лишува огромна популација од основни лични средства за живот.
Приштина, истакна Александар Вучиќ, директно го спречува функционирањето на сите социјални, здравствени, образовни, културни и други институции кои им овозможуваат на Србите да си ги обезбедат себе и своите семејства основните животни потреби.
Тој укажа и на зголемениот број напади врз косовските Срби, наведувајќи дека од доаѓањето на власт на актуелниот премиер на Косово, Албин Курти, во 2021 година, на Косово се регистрирани вкупно 669 етнички мотивирани напади и дека тоа е зголемување за 300 проценти во споредба со претходниот период, обвинувајќи го Албин Курти дека води „прогон“ на Србите.
Александар Вучиќ побара од меѓународната заедница „итни и решителни чекори“ за да се запре прогонот на Србите од Косово и да се создадат услови за продолжување на нормалниот дијалог меѓу Белград и Приштина.
„Србија ќе ги спроведе сите договори и сите потези во согласност со резолуциите на Обединетите нации“, изјави Александар Вучиќ на седницата на Советот за безбедност на ОН.
Првиот човек на мисијата на ОН на Косово (УНМИК), Каролин Зајаде, во видео обраќање до Советот за безбедност на ОН од Приштина оцени дека едностраните дејствија од која било страна и оправдувањето за нив, како и отсуството на комуникација меѓу Белград и Приштина, доведуваат до влошување на состојбата, недоверба и несигурност.
Таа потврди дека одлуката на властите во Приштина да го забранат динарот ги нарушува исплатите на луѓето кои примаат плати, пензии и социјални бенефиции од Србија, посочувајќи дека десетици илјади луѓе се изложени на ризик, како и економијата, која зависи од куповната моќ. Каролин Зајаде укажа и на загриженоста на меѓународната заедница во однос на примената на регулативата, поради што косовските власти одлучија да воведат транзициски период од еден месец.
„Сите овие прашања, вклучително и формирањето на Заедницата на српските општини, треба да се решат во рамките на дијалогот“, додаде таа и ги повика двете страни да се приклучат на дијалогот што го модерира Европската унија.
Премиерот на Косово, Албин Курти, истакна дека со уредбата на Централната банка на Косово не ѝ се забранува на Владата на Србија финансиска поддршка за косовските Срби, оценувајќи дека се друго е „пропаганда“ на властите во Белград.
„Регулативата е таму за да се обезбеди транспарентност и законитост на внесување готовина во Косово, а истите правила важат за секоја земја и валута – динар, долар, фунта или албански леќи“, посочи Албин Курти на седницата на Советот за безбедност на ОН.
Тој тврди дека ЦБК прави се за да обезбеди косовските Срби да продолжат да добиваат финансиска поддршка од Србија и дека испратил писмо до Народната банка на Србија да предложи договор за решавање на ова. Албин Курти нагласи дека неговата Влада е подготвена да обезбеди „непречена транзиција“ и доволно време за преодниот период. Тој оцени дека Белград не е загрижен за динарите, туку за неможноста на нелегален начин да се префрлат вреќи со пари на северот на Косово.
Премиерот на Косово вечерва го повика претседателот на Србија „овде и сега“ да го потпише Бриселскиот договор и анексот за имплементација од Охрид, велејќи дека тоа ќе ја покаже неговата посветеност за мирни и добрососедски односи со Косово.