Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, денес изјави дека во моментов изборите не нудат решение и потенцира дека парламентарните избори ќе се одржат во редовниот термин.
„Приоритет над приоритетите е како да се постигне договор за уставните измени и одржувањето на меѓувладината конференција, што треба да се одржи на крајот на оваа година. Не знам што можеме да направиме за да им служиме подобро на луѓето, отколку да ја зачлениме земјата во Европската унија. Изборите не нудат решение, така што, изборите ќе се одржат во редовниот термин, напролет следната година“, кажа Али Ахмети на новинарско прашање на промовирањето на проектот „Подобрување на водоснабдувањето за населените места Рашче, Копаница, Бојане, Буковиќ, Ласкарце, Чајлане и Семениште“.
Али Ахмети потенцира дека во случај на ВМРО-ДПМНЕ да и пречи ДУИ да биде во предводењето на државата, ќе се повлекуваат од извршната власт во моментот кога тие ќе ги гласаат уставните измени.
За повикот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски последниве денови за лидерска средба со претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски на лидерска средба, на која би се разговарало за претстојните избори и за изборниот процес, Али Ахмети вели дека нема потреба.