Ал Џезира, повикувајќи се на свои извори, објави дека најмалку петмина вработени во болницата Камал Адван во северниот дел на Појасот Газа изгореле живи откако израелските сили запалиле неколку делови од медицинската установа.
Израелската армија вчера објави дека спроведува операции во и околу споменатата болница бидејќи, како што тврдат, палестинската милитантна организација Хамас ја користи болницата како база за своите воени активности. Ваквите тврдења се чести, но, како што пренесува Ал Џезира, тие никогаш не биле докажани.
Најлошиот напад на здравствена установа од почетокот на војната во Газа беше минатогодишниот напад на болницата Ал-Шифа, кога израелската војска исто така тврдеше дека Хамас ја користи како командно-контролен центар.
Болницата Камал Адван беше последната функционална болница во северниот дел на Газа, но работеше под тешки услови поради израелската опсада – беше лишена од вода, храна и медицински материјали.