Амамите, познатите турски бањи се дел од културата на државите од Балканот, а градот Битола со десеттина амами со векови предничел промовирајќи ја класичната ориентална архитектура.
Денешните сочувани три амами во Битола, Дебој-чифте амам кој датира од времето на Сулејман Величествениот, Јени амам изграден во 17 век кој го нарекувале и битолски „Спа центар“, како и Керем беговиот амам изграден во 18 век, сведочат за најголемиот архитектурен и урбан развој на градот, кој историчарите и хроничарите го именуваат како златен период.
Дебојот во Битола познат и како чифте амам го изградил Ахмед паша беглербет, врховен заповедник во областа Румелија, од времето на Сулејман Величествениот. Дополнувањето на името со зборот „чифте“ или дупло/двојно, е затоа што амамот во исто време го користеле двата пола, и жени и мажи, што не било случај со другите амами во кои влезот бил дозволен само за мажите. Чифте амамот Дебој е сочуван и препознатлив објект по надворешниот фасаден дел, но и не и со внатрешноста која денес е целосно изменета. Повозрасни битолчани, наши соговорници, велат дека Дебојот од секогаш бил препознатлив по декорацијата на ѕидовите и бројни ѕвездички на куполите.
– Амамот е граден со камени квадри и тули сврзани со хидрауличен малтер за да крепи влага, вели А. Петров (81 г.).
Во амамот, додава Петров, имало простор за преслекување, од куполите навлегувала светлина, амамот имал капалук за одмор, мејдан за масажа, а имало и траш хани наменети за депилација. Овој простор, подвлекува, за жени бил ограден со ѕид, а од другата страна бил влезот за мажите каде имало шадрван и мобилијар маси за масажа.
– За време на реставрацијата на амамот во 1967 година биле евидентирани украси на тромпите, како и фризови од флорални и геометриски орнаменти на ѕидовите. Можеби заради локацијата на Дебојот, која е во состав на битолската чаршија и градскиот пазар, државата покажа интерес објектот почесто да го одржува и става во функција, ама како маркет, ни рече Петров.
Во месноста Дрвен Пазар во Битола, окружен од дрвени нефункционални бараки, но видлив, забележлив, пред се заради нараснатите дрвја и грмушки на покривот, се наоѓа познатиот Јени Амам или Нов Амам, некогашен бисер на ориенталната архитектура.
Последните три битолски амами се мапирани и од Центарот за етнолошки истражувања и примената антрополгија-ЦЕИПА од Скопје, чиј тим истражувачи предводен од Виктор Трајановски, доцент на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ на УКИМ-Скопје, изработи две посебни мапи, една за профаните објекти, а друга за сакралните објекти во Битола, што егзистирале за време на Османлиското владеење.
Јени амамот или битолскиот „Спа центар“ од 17 век, е еден од профаните објекти кои бил во функција до првата половина од 20 век кога во Битола почнале да се градат домашни капатила. Внатрешноста на Јени амамот имала шадрван, капалук, халвет (простор за капење), хазна (резервоар за вода) и ќулхан (ложиште). Подот бил покриен со мермер, а на страничните ѕидови имало курни од каде што течела топла вода. Според зачувани податоци на нашите соговорници, историчари, Јени амамот бил дел од вакуфот на џамијата Хатуние. Долго време бил прекрасен за гледање и привлечна бања која во внатрешноста имала сталактитни украси. Од ова богатство на амамот ништо не е сочувано, амамот од ден на ден се повеќе се распаѓа, а дека бил амам сведочи купот камења и израснатите грмушки над некогашните куполи на амамот.
Во западниот свет, оригиналните турски амами, оние кои се зачувани, претставуваат вистинска туристичка атракција. Познатиот Керим бегов амам бил атракција, но и привилегија за имашливите битолчани, вели Н. Ѓоргиев, кој младоста ја поминал во непосредна близина на овој историски важен објект што се наоѓа на десеттина метри од основното училиште „Ѓорги Сугарев“ и педесеттина метри до многувековниот битолски чинар.
– Ние како деца, а и денешниве генерации, гледаат дека постои објект. Претпоставувам дека наставникот по историја им кажал дека до училиштето е познатиот Керим бегов амам. Тоа беше место каде доаѓаа различни етникуми, имашливи битолчани кои се дружеле, се релаксирале водејќи грижа за својата лична хигиена и здравје. Според некои податоци, Керим беговиот амам се нарекувал и Ески чифте амам, го посетувале жени и мажи. За овој амам е поврзана и една интересна приказна…имено само Керим беговиот амам бил избран и имал посебен простор за невести кои пред нивната свадба оделе во базенот да се капат на т.н. ритуално чистење, вели Ѓоргиев.
Во зачувани податоци за Керим беговиот амам се посочува дека амамот имал сталактитни и сталагмитни декорации, и прекрани куполи на чиј покрив за жал денес има дрвја и грмушки кои го прикриваат видливиот распад на амамот.
Во меѓувреме, разгледници и зачувани фотографии и понатаму потсетуваат на амамите, некогашните турски бањи и нивната значајна улога во културите на Балканот, денес жедни за нова културна атракција