Амбасада на Шпанија во Македонија: Седуммината повредени од Кочани кои се на лекување во Шпанија се во стабилна состојба

Сите седуммина повредени во пожарот во дискотеката во Кочани се во стабилна состојба, а вчера се пренесени на лекување во Шпанија, информираат од Амбасадата на Кралството Шпанија во земјава.

„Пациентите пристигнаа вчера, извршени се првични медицински контроли, тие се во стабилна состојба и веќе е започнат процесот на лекување и опоравување во горенаведените болници“, нагласуваат од Амбасадата. 

Воедно, Амбасадата ја споделува информацијата дека кралот на Шпанија, Фелипе Шести, упатил телеграма со сочувство до претседателката Гордана Сиљновска-Давкова по повод трагедијата во Кочани.

„Со длабока тага дознав за трагичниот настан што се случи како последица на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, за време на концерт, каде што животот го загубија најмалку 59 лица, а десетици други беа повредени престана и со најдобри желби за брзо закрепнување на повредените“, се вели во телеграмата.

Амбасадата на Кралството Шпанија во земјава вчера соопшти дека седум лица повредени во пожарот во дискотеката во Кочани со медицински авион од Норвешка се пренесени во Шпанија.

„По трагедијата во Кочани, медицински авион обезбеден од Норвешка полета од Скопје за Мадрид, превезувајќи седум повредени лица кои ќе добијат медицинска помош во болниците во Ла Паз и Гетафе. Шпанија е секогаш блиску до Северна Македонија и се солидаризира со жртвите од пожарот, објавено е на официјалната сметка на платформата „Х“ на шпанската амбасада во земјава.

Болниците Ла Паз и Гетафе имаат национално и меѓународно признати центри за нега на пациенти со изгореници.