Американската влада започна да објавува десетици илјади доверливи записи за убиството на Џон Ф. Кенеди

Американските власти претходно дозволија откривање на стотици илјади документи за Кенеди, но некои беа задржани, со образложение за грижа за националната безбедност. Многу Американци и понатаму веруваат дека човекот кој пукаше, Ли Харви Освалд, не делувал самостојно.

Американската влада започна синоќа да објавува доверливи документи за убиството на претседателот Џон Ф. Кенеди, кое и по повеќе од 60 години предизвикува теории на заговор.

Објавувањето на документите следеше по извршната наредба на претседателот Доналд Трамп во јануари оваа година, со која беше побарано да се откријат нецензурираните доверливи документи во тој случај, пренесува BBC.

Историчарите не очекуваат многу извонредни откритија во тие документи, кои почнале да се прегледуваат детално по нивното објавување синоќа. Трамп проценил дека ќе бидат откриени околу 80.000 страници документи.

Американските власти претходно дозволија откривање на стотици илјади документи за Кенеди, но некои беа задржани, со образложение за грижа за националната безбедност. Многу Американци и понатаму веруваат дека човекот кој пукаше, Ли Харви Освалд, не делувал самостојно.

Кенеди беше убиен за време на неговата посета на Далас, во сојузната држава Тексас, на 22 ноември 1963 година.

Како што наведува BBC, не е јасно колку од доверливиот материјал за Кенеди што беше објавен синоќа од Националната архива на САД е нов.

Огромната збирката на Националниот архив од повеќе од шест милиони страници записи, фотографии, филмови, звучни записи и артефакти во врска со атентатот веќе беше објавена порано во делумно цензуриран облик.

„Имате многу за читање. Не верувам дека ќе цензурираме било што“, изјавил Трамп за новинарите во понеделникот, најавувајќи го објавувањето на овие доверливи документи.

Сепак, изгледа дека некои од стотиците документи што беа откриени синоќа имаат цензурирани пасуси, пренесуваат американските медиуми, додека други се тешки за читање бидејќи се избледени или се лошо скенирани фотокопии.

Владината комисија утврдила дека претседателот Кенеди бил убиен од Ли Харви Освалд, поранешен морнар и самопрогласен марксист кој избега во Советскиот Сојуз и подоцна се врати во САД. Меѓутоа, анкети низ децении покажуваат дека повеќето Американци не веруваат дека Освалд бил единствениот убиец.

Неодговорените прашања долго време го следат овој случај и поттикнаа теории за вклучување на владини агенти, мафијата и други фигури, како и некои други покомплицирани тврдења. Конгресот во 1992 година усвои закон за откривање на сите документи поврзани со истрагата во рок од 25 години.

Трамп, како и Џо Бајден, во својот прв мандат објавија голем број документи поврзани со Кенеди, но илјадници останале делумно тајни или целосно тајни.

Наредбата на Трамп од пред два месеца исто така побарала од Владините архиви да откријат доверливи документи поврзани со убиството на претседателскиот кандидат Роберт Кенеди и иконата на борбата за граѓански права, Мартин Лутер Кинг. Двајцата беа убиени во 1968 година.