Американскиот кошаркар Морант е суспендиран 25 натпревари поради покажување оружје на социјалните мрежи

– Американскиот кошаркар на Мемфис Гризлис, Џа Морант, суспендиран е на првите 25 натпревари од следната сезона бидејќи по вторпат прикажа огнено оружје на социјалните мрежи, објави НБА-лигата.

„Одлуката на Морант повторно да користи огнено оружје на социјалните мрежи е алармантна и вознемирувачка, имајќи го предвид неговото слично однесување во март, поради кое тогаш беше суспендиран 8 натпревари“, рече комесарот на НБА, Адам Силвер.

Ова е вторпат Морант да е суспендиран во последните три месеци поради покажување огнено оружје на социјалните мрежи, откако беше суспендиран 8 натпревари во март.

„Можноста млади луѓе да го имитираат однесувањето на Џа е особено загрижувачка. Во овие околности, веруваме дека суспензијата од 25 натпревари е адекватна и јасно ставаме до знаење дека нема да го толерираме безобѕирното и неодговорно однесување со оружје“, рече Силвер.

Морант двапати беше избран во Олстар-тимот за 2022 и 2023 година. Оваа сезона настапи на 61 натпревар, постигнувајќи во просек 26,2 поена, 5,9 скока и 8,1 асистенција.