Во Скопје се одржува првото издание на Стрип трип фестивал

– Во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје се одржува првото издание на Стрип трип фестивалот Скопје.

Првото издание на Стрип трип фестивалот во Скопје започна вчера во Младинскиот културен центар (МКЦ), а ќе заврши вечерва.

На програмата, како што информира МКЦ, има дискусии и презентации на најнови домашни и регионални стрип-изданија, гости автори и издавачи, изложба на реномирани стрип-цртачи, музичка програма, работилница за цртање стрип за деца, филмска програма и берза на стрипови.

„Ги повикуваме сите издавачи, колекционери, стрипомани и стрип-љубители, и самите и нивните најмили да дојдат и заземат активно учество на првото премиерно издание на Стрип трип, кое искрено се надеваме ќе прерасне во богата и долгогодишна традиција, како што личи на еден сериозен, возобновен и етаблиран град“, соопшти МКЦ.

​​​​​​​Иницијатор и организатор на овој фестивал е книжарницата „Бункер“ од Скопје. Тие сметаат дека организацијата на фестивал како „Скопје стрип трип фестивал“ е од огромно значење за промовирањето на стрип-културата во земјата.

Фестивалот е финансиски поддржан од Град Скопје.