Американскиот сенатор Скот: „Одбројани се деновите на Мадуро“

– Американскиот сенатор Рик Скот тврди дека венецуелскиот претседател Николас Мадуро треба веднаш да ја напушти својата земја и додаде: „Неговите денови се одбројани“.

Републиканскиот сенатор Скот во интервјуто за американскиот ТВ-канал ЦБС њуз даде коментар за Мадуро.

„Ако бев Мадуро, веднаш ќе одев во Русија или Кина“, рече Скот, додавајќи дека претпоставува оти наскоро ќе се случи нешто во Венецуела, однатре или однадвор. Во врска со Мадуро, Скот истакна:

„Неговите денови се одбројани.“

На прашањето дали САД имаат какви било планови за инвазија, Скот рече дека не го очекува тоа и дека би бил многу изненаден доколку се случи.

Посочувајќи дека падот на Мадуро од власт би бил и „крај“ за Куба, Скот истакна:

„Америка се грижи за јужната хемисфера.“

– Активности на Кариби

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во претходна извршна наредба нареди зголемена и поефикасна употреба на војската во борбата против латиноамериканските наркокартели.

Во тој контекст, САД пратија поморски сили составени од подморница и воени бродови покрај брегот на Венецуела кон крајот на август, а американскиот министер за одбрана Пит Хегсет соопшти дека американската војска е подготвена за операции во Венецуела, вклучително и промена на режимот.

Како одговор на тоа, венецуелскиот претседател Николас Мадуро објави дека мобилизирал 4,5 милиони претставници на милицијата во земјата и подготвен е да одбие секаков напад.

Континуираното таргетирање на бродови покрај брегот на Венецуела од страна на САД под изговор борба против „трговијата со дрога“ предизвика критики и од венецуелската Влада и од меѓународната заедница, тврдејќи дека нападите претставуваат „кршење на меѓународното право“.

– Се зголемува военото засилување на САД во регионот

Од крајот на летото САД распоредија осум воени брода во регионот, меѓу кои и носачот на авиони „Џералд Р. Форд“, три разорувачи од класата „Арли Бурк“, три амфибиски јуришни брода, еден крстосувач и еден крајбрежен борбен брод.

Овие бродови се поддржани од маринци, беспилотни летала, авиони и единици на крајбрежната стража.

Голем број авиони „Ф-35“ и други воени авиони, исто така, дејствуваат во оваа оперативна област.