– Американски официјални лица тврдат дека американската администрација ја одложила испораката на два вида прецизни бомби произведени од компанијата Боинг со цел да испрати политичка порака до Израел.
Според изјавите што за „Политико“ (Politico) ги дал американски функционер и уште шест други извори, американската администрација сѐ уште не ја одобрила продажбата на напаѓачка муниција и бомби со мал дијаметар на компанијата Боинг.
Официјалниот претставник, кој сакал да остане анонимен, изјавил дека причината поради која продажбата е во мирување е тоа што администрацијата на Џо Бајден сака да испрати политичка порака до Израел.
Зборувајќи за „Политико“, висок функционер од Конгресот и две лица запознаени со ова прашање изјавија дека муницијата веќе била подготвена да биде испратена во Израел кога се појавија вести за одложувањето на продажбата.
Друг официјален претставник од воената индустрија тврди дека американската администрација му рекла на Боинг да ги прекине испораките, бидејќи одобрението било суспендирано од политички причини.
Сенаторот Крис Ван Холен изјави дека Бајден треба да ги исполни претходните предупредувања дека Израел нема да го нападне Рафа.
Израелската војска во вторникот наутро соопшти дека нејзините сили ја презеле контролата врз палестинската страна на граничниот премин Рафа.
По најавата на палестинската група Хамас за прифаќање на катарско-египетскиот предлог за прекин на огнот во Газа, израелскиот воен кабинет одлучи да ја продолжи операцијата во Рафа со цел да се изврши воен притисок врз Хамас за да се напредува во ослободувањето на заложниците и за други воени цели.
Израелската Армија издаде итна наредба за евакуација на Палестинците во источните населби на Рафа и ги повика да се преселат во градот Ал-Маваси во јужниот дел на Газа.
Рафа е дом на повеќе од 1,5 милиони раселени Палестинци кои избегаа од војната откако Израел започна брутална воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Оттогаш, во израелските напади загинаа повеќе од 34.700 Палестинци, главно жени и деца во услови на масовното уништување и големиот недостиг на неопходни средства.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.