Американците добиваат свој TikTok: Што значи тоа за остатокот од светот?

Компанијата ByteDance подготвува посебна TikTok апликација за корисниците во Соединетите Американски Држави.

Оваа апликација на TikTok ќе работи врз основа на посебен алгоритам и систем на податоци што е одделен од глобалната апликација. Ова создава основа за потенцијална продажба што ја побара американскиот претседател Доналд Трамп, објави Ројтерс, повикувајќи се на добро информирани извори. 

Извори од компанијата изјавија дека вработените работеле со забрзано темпо во последните месеци на развој на нова, специфично американска верзија на TikTok до крајниот рок. Тие ја пренеле и копирале базата на кодови, вклучувајќи модели на вештачка интелигенција, алгоритми, функции и кориснички податоци, од глобалната платформа.

Новата верзија на апликацијата го има внатрешното кодно име M2, а рокот за нејзино завршување е во септември. Од оваа апликација ќе зависи како 170 милиони американски корисници ќе пристапат до глобална содржина.

Според изворите, апликацијата на TikTok достапна само за САД е дизајнирана да функционира независно, слично на верзијата на Douyin која е достапна само во внатрешноста на Кина, а корисниците надвор од САД нема да можат да ја најдат американската верзија во нивната продавница за апликации.

TikTok се соочува со забрана од САД доколку нејзината матична компанија ByteDance, со седиште во Кина, не ја продаде платформата.

На 18 јуни, американскиот претседател Доналд Трамп ја одложи забраната за апликацијата TikTok во САД по трет пат, а 10 дена подоцна, во интервју за Fox News, рече дека пронашол „група многу богати луѓе“ како потенцијални купувачи за TikTok.