Америка и Иран се поблиску до нов нуклеарен договор: Техеран е подготвен да го прифати клучното барање
Иран е подготвен да прифати „регионален конзорциум за збогатување на ураниум“ како компромис во преговорите за нов нуклеарен договор со САД, изјави ирански функционер за „Аксиос“.
Како што пишува овој американски портал, ирански функционер сигнализирал дека Техеран е подготвен да го прифати ова барање, но само ако седиштето на конзорциумот е во Иран.
„Доколку дејствува од територијата на Иран, постои можност да го прифатиме. Ако седиштето е некаде на друго место, тоа е осудено на пропаст“, изјави овој функционер за „Аксиос“.
Деталите за овој предлог не се целосно познати, но според американските медиуми, овој конзорциум, покрај Иран, би ги вклучувал САД, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Катар, а сосема е можно и Турција.
Предложениот конзорциум би снабдувал нуклеарно гориво за земјите што сакаат да развијат цивилни нуклеарни програми, а би бил надгледуван од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Овие изјави за „Аксиос“ се во спротивност со јавните настапи на двете преговарачки страни.
Имено, американскиот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, како и американскиот државен секретар Марко Рубио, ја отфрлија можноста да му се дозволи на Иран да збогатува ураниум, додека формирањето регионален конзорциум беше отфрлено од Техеран.
Сепак, според „Аксиос“, ова решение би можело да ги остави двете страни како „победници“ во преговорите.
Со овој договор, САД би можеле да изјават дека на Иран не му е дозволено да збогатува ураниум, бидејќи збогатувањето на крајот би го надгледувала поширока група, а не само иранската влада, додека Иран би можел да тврди дека неговата црвена линија за збогатување останува недопрена.