Белата куќа денеска објави неодамна декласифицирани разузнавачки информации кои укажуваат дека руската приватна воена компанија Вагнер се подготвува да обезбеди воздушна одбрана на Хезболах или Иран.
Ова го соопшти портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, и додаде дека Вагнер се подготвува да ја даде оваа можност по директива на руската влада, пренесува Си-Ен-Ен.
Разузнавањето не кажува од каде би дошол противавионскиот систем.
Си-Ен-Ен објави дека Вагнер имал задача да го достави ракетниот систем земја-воздух СА-22 од Сирија на либанскиот Хезболах.
Сирискиот претседател Башар ал Асад се согласи да му обезбеди на Хезболах руски ракетен систем, познат како Панцир, изјавија за Си-Ен-Ен два извори запознаени со разузнавањето.
– Внимателно ќе следиме дали Вагнер ќе обезбеди воена опрема на Хезболах или Иран. Подготвени сме да воведеме антитерористички санкции против руски поединци или компании кои вршат дестабилизирачки трансфери на оружје – велат изворите.