Анализите се скоро готови, остануваат само формалности: Пендаровски и Силјановска пред нова претседателска пресметка!
Oдлуката за кандидирање на Стево Пендаровски и Гордана Силјановска веќе е неофицијално донесена, но чека да биде официјализирана во рамки на статутарно пропишаните внатрепартиски процедури, со тоа што во СДСМ претседателскиот кандидат треба да помине на конгрес, а во ВМРО-ДПМНЕ на изборна конвенција.
Актуелниот претседател Стево Пендаровски и пратеничката Гордана Силјановска-Давкова речиси сигурно ќе имаат уште еден дуел за претседателската функција. Откако се судрија на претседателските избори во 2019 година, се очекува тие да се соочат и на претстојните избори за шеф на државата во мај годинава, со оглед дека и двајцата засега избиваат како прв избор во владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Иако во двете партии официјално не потврдуваат кои ќе бидат нивните претседателски адути, посочувајќи дека тоа ќе се знае откако ќе се направат сите анализи и ќе поминат внатрепартиските процедури, сепак, сите неофицијални информации укажуваат на реприза на дуелот Пендаровски-Силјановска.
Како што вели висок функционер на СДСМ, се уште не е донесена конечна одлука, меѓутоа, според него, Пендаровски е најдобар на внатрепартиските сондажи. Потоа, тој со ниту еден чекор или гест не отстапил од стратешкиот прозападен курс, а истовремено е прифатлив за Албанците и другите „помали“ етнички заедници.
Всушност, Пендаровски се вклопува во профилот за идниот претседател што во неколку наврати јавно го „нацрта“ лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски. Во таа насока, Ковачевски и во последното интервју за „Фокус“ изјави дека „профилот на претседателскиот кандидат треба да ги дели европските вредности и да ги обединува во заедничка коалиција партнерите од Европскиот фронт“.
–Претседателскиот кандидат треба да се залага за евроинтеграцијата на државата, за надворешна политика што е целосно усогласена со НАТО и ЕУ, кој ги почитува меѓународните договори на државата, и крајно ја почитува и ќе се залага за спроведување на преговарачката рамка на Македонија со ЕУ.
Претседателскиот кандидат треба да се залага воедно за еднакви можности за сите граѓани, без разлика на нивната етничка или друга припадност, но и да се залага за европските вредности на врвно владеење на демократија, на социјалната правда, но и за економски раст и развој на државата со кои ќе се обезбеди подобар животен стандард на граѓаните – рече тој.
Од друга страна, пак, Пендаровски првично беше резервиран за уште една, трета по ред, претседателска кандидатура (во 2014 загуби од Ѓорге Иванов, а во 2019 ја победи Силјановска). Како што велеше тој, неговата одлука ќе зависи од поддршката од граѓаните, односно од котирањето на анкетите, како и од поддршката на партиите од владејачкиот блок.
–Сакам прво да го завршам мандатот, имам уште десетина месеци. Проценките што ќе ги правам во однос на нов мандат, ќе бидат кон крајот на годината и притоа, клучно ќе биде дали ја имам поддршка и од граѓаните и од политичките партии. Досега никој не станал претседател како целосно независен кандидат – рече Пендаровски во интервју за „Фокус“ на средината на минатата 2023 година.
Како што пишуваше „Фокус“, во калкулирањето на Пендаровски имаше уште една компонента – партискиот рејтинг на СДСМ, бидејќи од тоа ќе зависи и неговиот резултат, а тој не сака да влезе во однапред загубена битка. Сепак, како што изминуваше годината, шефот на државата испраќаше се појасни и подиректни пораки дека е поблиску до нова кандидатура отколку до политичка пензија.
–Ако ме прашувате денес, декември, шансите да се кандидирам се поголеми отколку да не се кандидирам – рече тој во интервју на „360 Степени“. Во меѓувреме, тој се објаснуваше и за една негова изјава дека не размислува за уште мандат, истакнувајќи дека тоа не значело дека нема да се кандидира, туку дека не е време да се мисли на тоа.
Покрај Пендаровски, СДСМ анкетира уште неколку партиски решенија за претседател, меѓу кои министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, поранешната вицепремиерка Радмила Шекеринска, поранешниот премиер Зоран Заев, па дури, според одредени информации, и поранешниот министер за здравство Венко Филипче.