Ана Брнабиќ од Тирана со јасна порака: “Отворен Балкан сè уште постои!“

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, по средбата во Тирана изјави дека Отворен Балкан продолжува да постои и дека иницијативите во него продолжуваат.

Пред само три дена Србија, Северна Македонија и Албанија отворија заедничката изложба Отворен Балкан во српскиот културен центар во Париз, така што продолжуваме со тие иницијативи“, вели Ана Брнабиќ.

Како што објави весникот Kosovo Online, таа изјавила дека со албанскиот премиер Еди Рама разговарала за Отворен Балкан и за самитот Берлинскиот процес, чиј домаќин во октомври годинава ќе биде Албанија.

Ана Брнабиќ вели дека Албанија во моментов е целосно фокусирана на самитот на Берлинскиот процес и на тоа што може дополнително да се направи по последниот самит што се одржа во Берлин.

Таа додаде дека со Еди Рама разговарала за Отворен Балкан и иницијативите во неговите рамки, „кои се доста комплементарни со самитот на Берлинскиот процес“.

Ана Брнабиќ истакна дека за време на работниот ручек, на кој присуствуваа премиерите на Црна Гора и Северна Македонија, Дритан Абазовиќ и Димитар Ковачевски и европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји, е разговарано и за развојниот план за Западен Балкан, кој го најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и за првите нацрти и проекти што треба да ги подготват земјите од Западен Балкан.