Ана Лирман со порака до ВМРО-ДПМНЕ: “Ако сакате просперитетна иднина за земјава во ЕУ времето е сега!“
„Сега се отвора можност за проширување на ЕУ која што е широко отворена. Барањето на ваквата можност со решеност и со државност и со лидерство покажува високо чувство на одговорност за иднината на македонскиот народ и просперитет. Ве поттикнувам успешно да продолжите на реформската патека. Реформите се во корист на македонските граѓани. Тие го унапредуваат владеењето на правото, ја искоренуваат корупцијата, го промовираат просперитетот и инвестициите и ги подобруваат животните услови на Северна Македонија“, истакна германската министерка за Европа, Ана Лирман.
Таа заедно со државнатa секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција, Лоренс Бун и Шимон Шинковски вел Сенк, министер за ЕУ на Република Полска, познати како „Вајмарска тројка“ имаа средба со вицепремиерот Бојан Маричиќ по што одржаа заедничка прес – конференција.
Ана Лирман истакна дека е важно да се продолжи на патот сега и оти измените на Уставот ќе ја покажат Северна Македонија како пример за мултиетничко општество.
„Потврдувањето и заштитувањето на малцинствата е темелот на европските права и обврски. Измената на македонскиот Устав ќе ги зацврсти заложбата и посветеноста на Северна Македонија кон европските вредности. Цврсто ги поттикнувам сите политички сили во Северна Македонија да го поддржат изменувањето на Уставот и да ја поддржат подобрата и попросперитетна иднина за Северна Македонија и македонскиот народ. Се друго ќе биде штетно за амбициите за членство во ЕУ“, истакна германската министерка.
Ана Лирман беше децидна дека сега е моментот кога треба да се преземе политичка одговорност и да се дејствува, да се каже „да“ на подобрата иднина, на иднината во ЕУ.
„Договорот меѓу Северна Македонија и ЕУ е фер, исправен е, нема да има подобра спогодба тоа е сигурно. Иднината на Северна Македонија лежи во вашите раце. Сакаме да ве поттикнеме да се приклучите кон европското семејство и да ги покажете вашата заложба и посветеност кон перспективата во ЕУ и ќе ве поддржиме на патот кон ЕУ секогаш кога можеме“, нагласи таа.
Според неа, Владата на Северна Македонија е посветена на иднината и таа и нејзините колеги од „Вајмарската група“ ги поттикнуваат сите луѓе и политички актери во земјата да ја поддржат Владата да го презеде овој, како што кажа Ана Лирман, пресуден чекор кон ЕУ и да ги направи успешни амандманите на Уставот.
„Сакаме да ви ја дадеме сета неопходна поддршка за успешно да го постигнете процесот на интеграција“, кажа таа.
Пораката на „Вајмарска тројка“, како што кажа германската министерка е јасна.
„Ја нагласуваме нашата заложба за перспективата на Северна Македонија кон ЕУ. Оддаваме признание за импресивниот напредок што го остваривте и ве поддржуваме на вашиот пат да станете членка на ЕУ. Заедно ќе станеме посилни. Исто така, сакаме да одаддеме признание за вашата непоколеблива посветеност на меѓународната сцена во НАТО, но и во целосното усогласување на заедничката и безбедносната политика на ЕУ. Го нагласуваме вашето чувство на одговорност и посветеност на стабилноста на Западниот Балкан“, кажа германската министерка.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа што ќе има кажат министрите од „Вајмрската тројка“ на ВМРО-ДПМНЕ, кои се уште се на ставот дека нема да поддржат уставни измени, Ана Лирман кажа дека со нетрпение очекува да се сретне со различни партии на опозицијата овде и потенцираше дека нејзината порака е „кристално јасна“.
„Ако сакате просперитетна иднина за земјава, ако сакате иднина во ЕУ времето за тоа е сега затоа што се отвори можност, се појави нова динамика во процесот на пристапување со кандидатски статус за Украина и за Молдавија, дополнителни чекори во процесот на пристапување се наоѓаат на хоризонтот за есенва, процесот на скрининг, техничкиот процес за Албанија и за Северна Македонија ќе заврши веројатно есенва, така што сега е времето за следните чекори во процесот на пристапување. Нема време за чекање“, кажа германската министерка.
Ана Лирман кажа дека сите членови на опозицијата ќе ги праша каква е нивната идеја за иднината на земјава.
„Дали навистина сакате земјава да ја пропушти оваа уникатна можност да се приклучи кон оваа заедница на просперитет на ЕУ и јасно е дека возот на процесот на пристапување и проширувње се движи многу бргу и Северна Македонија не се движи со уставните измени и ќе го пропушти возот и навистина знаеме колку беа посветени луѓето во земјава кон процесот на пристапување, така што мојот аргумент е многу јасен. Јас сум многу посветена Европјанка и многу сум уверена дека Северна Македонија ќе стане осилна во ЕУ“, вели германската министерка.
Пред повеќе од 30 години Германија, Франција и Полска се посветија на т.н. „Вајмарска тројка“ да ги здружат силите во негување на демократијата, просперитетот и безбедноста низ цела Европа. Во тој дух, како што кажаа тројцата министри се денеска во Скопје.