Ангелов: Од јуни до октомври евидентирани 2 082 пожари, најголем дел од нив настануваат од палење на стрништа

– Вкупно 2 082 пожари евидентира Центарот за управување со кризи од јуни заклучно со денешниот ден. Најголем број од нив, 778 пожари на отворено имало во септември, а во првата половина од октомври бројката изнесува 454 пожари. Според директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, најголем дел од пожарите настануваат од палење на стрништата.

Во вечерашното гостување на Сител Телевизија, директорот Ангелов посочи дека главна причина за 52 активни пожари на отворен простор кои беа евидентирани во текот на вчерашниот ден е сушата.

– Главна причина е сушата, веќе неколку месеци нема паднато дожд и оние неколку наврати кога на некои делови од територијата на државата врнеше дожд, дождот беше многу слаб. Вегетацијата е многу сува, дневните температури се сѐ уште високи. Тоа е една од главните причини поради кои што доаѓаше до појава на пожари и беше тешко нивното гаснење. Ако на тоа се додаде и ветрот кој што постојано дува и го менува својот правец, имаме причина повеќе за тешко воспоставување на контрола, појасни тој.

Ангелов вели дека бројките се алармантни и несвојствени за овој период од годината.

– Во јуни имавме само 18 пожари на отворено, но, граѓаните ќе се сетат, јуни беше доста врнежлив месец. Во јули 210 пожари, август 622 пожари, а во септември, што е исто така нетипично, 778 пожари на отворено. Во октомври, заклучно со денешниот ден имаме 454 пожари. Вкупно 2082 пожари од јуни до сега, алармантна состојба, вели тој.

Во однос на прашањето колку од овие пожари се подметнати, Ангелов кажа дека имаат сомнение за одреден број.

– Имаме сомнение за одреден број на пожари дека се подметнати, иако, дефинитивно, моја лична перцепција која што се заснова врз многубројни разговори и со пожарникарите и со локалното население на местата на пожарите, е дека најголем дел настануваат од стрништата, односно, остатоците од житни култури кои што граѓаните ги палеа за да се ослободат од нив, притоа ненамерно предизвикувајќи пожари, кажа тој.

Вториот момент кој што го идентификувале, дополни, е палење на пасишта од страна на сточарите, кое што го има во помал обем, потоа ловците и намерните палежи за изгорените дрва да ги откупат по пониска цена.

– Сточарите намерно ги палат трњата кои што им сметаат на стоката која што напасува таму. Еден нов момент кој што претходно го немавме се и ловците, бидејќи во недела се идентификуваа повеќе пожари, некои од ловците користат петарди за гонење на дивечот. Притоа, имаме, би рекол непотврдени информации за појава на неколку пожари, но, мотивите, секако може да бидат и криминални, некој намерно да предизвикува палежи со намера потоа изгорените дрва да ги откупи по пониска цена, вели Ангелов.

На прашањето колку грејната сезона е поврзана со моментот на намери палежи за пониска цена на изгорени дрва, тој ги сподели податоците од МВР за пријави за подметнување на пожари.

– Како ЦУК побаравме информации од МВР колку кривични пријави се поднесени последните неколку години. Во 2020 година од МВР се поднесени 22 пријави против сторители, 2021 – 33, 2022 – 17 и 2023 – 20 кривични пријави. Имаме 20 кривични пријави, наспроти 2082 пожари на отворено. Воедно, постојано апелираме и до превентивната функција и мислам дека МВР се потруди во тој дел да има полиција присутна на терен, но се покажа безуспешно, затоа што на неколку места, како што е скопско Ајватовци, има сведоци кои што тврдат дека оние кои што ги палеле стрништата не се повлекувале дури и по предупредувањето дадено од повеќе граѓани, што значи дека нивниот идентитет е познат, вели Ангелов.

Во однос на прашањето дали смета дека е потребна поголема едукација на земјоделците и сточарите, или се наоѓаме во ситуација во која тие немаат друг излез бидејќи нема кој да го собере отпадот од нивите, Ангелов рече дека нив не можеме да им се спротивставиме.

– Ние не можеме да се спротивставиме на земјоделците. Порано овие остатоци биле слама со која се хранел добитокот во зимските месеци, сега има помал број на добиток и ретко кој го храни со слама. Се сомневам дека и наредните години земјоделците ќе ги послушаат апелите на државната власт. Лично јас, иако официјално тоа сѐ уште го немам предложено, ќе иницирам да предложиме измена на законот со контролирано палење на стрништата, посочи тој. 

На прашањето во врска со случувањата во Израел и потенцијалната бегалска криза, Ангелов одговори дека сме подготвени за каков било развој на настаните. 

– Апсолутно сме подготвени за каков било развој на настаните. Ние сме во континуирана кризна состојба на јужната граница со Грција, и на северната со Србија. Така што, и во овој момент имаме зајакнати контроли. Доколку постои опасност од нова бегалска криза, тогаш јас како раководител на групата за процена во која се  членови директори на разузнавачко безбедносната заедница и кризниот менаџмент, ќе ја свикам, ќе ја разгледаме состојбата и може на управувачкиот комитет да предложиме дополнителни мерки за заштита, рече тој, порачувајќи дека граѓаните немаат простор за паника.