Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше дека состојбата со пожарот во Јасен се влошува и дека пожарот на едно место се искачил на гребенот, но дека е запрен со брза интервенција.
„Ситуацијата со пожарот во Јасен повторно се влошува. Пожарот се помести нагоре кон гребенот. Се приближува кон зелениот пат, кој е наша линија на одбрана за да не се префрли на другата страна. Тука се вработените во Јавното претпријатие Јасен поддржани од пожарникари од Македонски Брод рече Ангелов.
Според информациите од Центарот за управување со кризи, на територијата на земјата има вкупно осум пожари на отворен простор, од кои два се активни, додека шест пожари се изгаснати.
Пожарите се активни во Јасен, каде што гори мешана шума, додека во селото Калдирец, Китка, гори мешана вегетација.