Околу 90 отсто од Чесите, една година по рускиот напад врз Украина, бараат Европската унија и НАТО да преземат напори за ставање крај на конфликтот преку дипломатски преговори, додека официјални лица предводени од новоизбраниот претседател Петр Павел предупредуваат дека би било многу опасно ако мирот донесе колапс на Русија.
Во најновото истражување на агенцијата МЕДИАН, 90 отсто од Чесите изјавиле дека ЕУ и НАТО треба да вложат напори за постигнување мир преку дипломатски преговори, додека слаба е поддршката решението да биде испорака на оружје за Украина – 56 отсто.
Само 18 отсто од Чесите во таа анкета за јавниот радио канал Радиожурнал сметаат дека НАТО треба да се вклучи во конфликтот, додека 76 отсто се против вмешаноста на западните сојузници во војната во Украина.
Чесите се помалку веруваат дека економските санкции против Русија би можеле да бидат начин да се запрат руските напади и да се постигне мир, бидејќи додека 80 отсто од анкетираните верувале во моќта на санкциите на почетокот на војната, сега 68 отсто го рекле тоа.
Третина од Чесите се против влезот на Украина во ЕУ и НАТО, додека членството во една или двете од овие меѓународни организации го поддржуваат 50 отсто од Чесите.
Новоизбраниот претседател на Чешка, кој ја презема функцијата на 9 март, Петр Павел, предупреди дека резултатот од мировните иницијативи не треба да биде Русија во распаѓање, која нема да може да води меѓународни преговори поради внатрешните превирања.
„Не е во интерес на Западот да ја уништи или внатрешно да ја дестабилизира Русија. Распадот на Русија би бил голем проблем. Кога војната ќе заврши, Русија треба да може да ја контролира својата територија и да води меѓународни преговори“, предупреди Павел во интервјуто за чешките медиуми.