Антикорупциска отвори предмет за проверка на имотот на Бесија Иљази

Антикорупциската комисија по сопствена иницијатива отвори предмет за проверка на податоците за имотната состојба на економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази. Причината поради која Антикорупциска отвора предмет, е во тоа што таа поднела два анкетни листови во кои го навела својот имот – едниот додека била советник во Општина Тетово, а другиот откако станала економска директорка на Клиниката за токсикологија. Но, податоците во двата анкетни листови не се идентични, а нема пријавено промена на истите во меѓувреме.

Иљази на 14 февруари 2024 година до Антикорупциска комисија има доставено Изјава за имотна состојба и интереси во новиот електронски систем за поднесување на изјава за имотна состојба и интереси за функцијата в.д. организациски директор на Универзитетска клиника за токсикологија Скопје. По однос на прашањето дали се работи за истото лице (дали советничката од општина Тетово е истото лице со Бесија Иљази, економската директорка на Клиника за токсикологија), од направената проверка на ЕМБГ кој што е наведен во изјавите за имотна состојба и интереси доставени до ДКСК, произлегува дека станува збор за истото лице, одговараат од Антикорупциска.

Во Државната комисија за спречување корупција прашавме и зошто во анкетниот лист кој е објавен на сајтот за имотот на Иљази, нема никакви податоци за вредноста на имотот и начинот на стекнување на имотот. Од ДКСК истакнуваат дека наведениот анкетен лист е поднесен на ден 03 декември 2021 година, за функцијата советник на Општина Тетово и во истиот Иљази не ги внела наведените податоци. Во новиот анкетен лист од 14 февруари 2024 година, ги дала потполните податоци.

Во вакви случаи, ДКСК согласно член 92 од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси врши проверка на вистинитоста на податоците внесени во изјавата за имотната состојба и интересите во случај кога постапува по конкретен предмет или врз основа на годишниот план за работа. Во периодот од 03 декември 2021 до 03 декември 2023 година, за наведеното лице немало отворено предмет за постапување, како период за можност за постапување по истиот односно за поведување прекршочна постапка против истото, објаснуваат оттаму.