АНТИКРИЗНИ МЕРКИ СЛЕДНАТА НЕДЕЛА – Од Владата оптимисти дека инфлацијата ќе биде под шест проценти до крајот на годината
Новиот пакет антикризни мерки, според најавите на Владата, се очекува да биде објавен кон средината или крајот на следната недела. Во меѓувреме, мерката со која дел од прехранбените производи се продаваат со „гарантирана цена“ е продолжена до крајот на годината наместо како што првично беше најавено до крајот на овој месец.
Од 20. септември годинава почна да важи мерката за „гарантирана цена“ на вкупно 24 категории прехранбени производи, а на 27. септември беше проширена и со безалкохолните пијалоци, газираната и негазираната вода и пивото. Цените на производите, согласно одлуката, треба да се најмалку 10 отсто пониски од цените регистрирани на 1. август.
Според Владата, мерките во однос на намалувањето на цените на прехранбените производи веќе даваат резултати, а дополнително намалување на цените се очекува и со предложениот закон за нефер трговски практики којшто се очекува идната недела да биде усвоен на владина седница, а потоа и испратен до Собранието.
Министерот за економија Крешник Бектеши вчера во изјава за медиумите рече дека пакетот антикризни мерки бил споделен од Министерството за финансии до институциите вклучени во неговото креирање.
„Најверојатно мерките ќе бидат објавени и ќе почнат со реализација кон средината или кон крајот на наредната недела“, порача Крешник Бектеши, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Скопската пиварница.
Додека се чекаат антикризните мерки, вчера Државниот завод за статистика излезе со најновите податоци за трошоците на живот за октомври, според кои инфлацијата е намалена за 1,5 проценти во однос на септември, а зголемена за 3,5 проценти во споредба со октомври лани.
Намалување на трошоците на животот во споредба со септември е забележано кај млекото, јајцата, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук, свежото и разладеното овошје, пивото, сирењето и урдата, месото, лебот и житата и маслото.
Премиерот Димитар Ковачевски е оптимист дека инфлацијата до крајот на годината ќе биде под шест проценти.
„Со сите мерки што ги преземаме, навистина сум оптимист дека инфлацијата ќе успееме да ја сведеме под шест отсто до крајот на годината. Веќе покажавме дека умееме да ја намалиме дури двојно за само една година“, изјави вчера Димитар Ковачевски по посетата на Скопска пиварница.
Од друга страна, синдикатите измерија дека во октомври минималните трошоци што му биле потребни на едно домаќинство изнесувале 46.198 денари. Според минималната потрошувачка кошничка, што ја изработува Сојузот на синдикати на Македонија, најголем дел односно 19.668 денари биле потребни за храна и пијалоци, а 13.716 денари за режиски трошоци.