Фудбалерите на Реал Мадрид ќе останат без тренер доколку не успеат да направат чудо и да го елиминираат Арсенал од Лигата на шампионите, бидејќи Карло Анчелоти ќе добие отказ.
Ова денеска го пренесоа бројни извори од Шпанија, меѓу кои и весниците Марка и Релево, кои тврдат дека Анчелоти е пред ултиматум од раководството на Реал Мадрид.

Одлуката за отказ на Анчелоти ја забрза големиот кикс на Реал во домашното првенство, кога тимот на стадионот Бернабеу беше поразен од Валенсија со 2:1. Тогаш значително се намалија шансите на Реал да победи во трката за шпанскиот шампион со Барселона.
Така, легендарниот Италијанец е буквално на милиметри од отказ од Реал, бидејќи Арсенал на првиот меч пред два дена на „Емирати“ го декласираше Кралскиот клуб со 3:0.
Некои странски медиуми пишуваат и дека Чаби Алонсо е приоритет на раководството на Реал кога е во прашање смената на Анчелоти, а по завршувањето на сезоната ќе направат се за да го доведат својот поранешен фудбалер на клупата на првиот тим.
Алонсо моментално го води Баер Леверкузен со кој минатата сезона ја освои двојната круна во Германија, додека оваа сезона не беше толку успешна за Аптекарите, па Реал Мадрид верува дека може да обезбеди доаѓање на некогаш одличниот играч за врска за тренер.