– Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, потврди денеска на конференција за новинари дека бразилската фудбалска репрезентација сака да го ангажира за селектор, но остана на ставот дека е потребно да се „почитува важечкиот договор“, со шпанскиот клуб што има намера да го „испочитува до крај“.
„Вистина е дека Бразил ме сака и тоа за мене е комплимент, тоа ме радува. Но, морате да го почитувате актуелниот договор кој истекува во јуни 2024 година“, изјави италијанскиот стратег.
„Имам договор (со Реал), сакам да го испочитувам, бидејќи го сакам овој клуб и оваа екипа. И сè што ќе се случи по истекување на договорот е иднина, а никој не знае што ќе се случи во иднина“, додаде Анчелоти, кого бразилските медиуми често го споменуваат како потенцијален нов селектор на Кариоките.
„Не ме чуди што постојат такви гласини и тоа не ме загрижува. Прилично е јасно: ќе останам тука сè додека Реал ми дозволува да останам“, порача Анчелоти.