Апелација делумно ги уважи жалбите на сопственикот на контраверзниот веб-порталот ‘ДоказМ’ Марјан Стаменковски

Апелациониот суд Скопје ја одби како неоснована жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје во врска со случајот „ДоказМ“, а жалбите на обвинетиот Марјан Стаменковски, сопственик на истоимениот портал, делумно ги уважи.

На седницата одржана на 19. мај во Апелациониот суд Скопје, Јавното обвинителство побара повисока казна, а одбраната повторување на постапката за случајот.

Апелациониот суд постапувајќи по кривичниот предмет КЖ-357/23, по одржаната јавна седница на ден 19.05.2023 година, донесе пресуда со која жалбата на Основното јавно обвинителство С., ја одби како неоснована, а жалбите на обвинетиот М. С. од С., делумно ги уважи. По жалбите и по службена должност пресудата на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.429/23 од 04.04.2023 година, ја преиначи во делот на одлуката за кривична санкција на начин што обвинетиот М. С. го осуди на единствена казна затвор во траење од две години и шест месеци и на парична казна во износ од 5.000 евра во денарска противвредност од 308.450,00 денари“, се наведува во денешното соопштението од Апелацискиот суд.

На обвинетиот М. С., како што е посочено во соопштението, му се изрекува и „забрана за вршење професија, дејност или должност поврзани со кривичните дела“, односно забрана да врши регистрација на домеин и да се јави како регистрант или сопственик на портал за време од шест години и престанок на регистрацијата на сите регистрирани домеини во кои обвинетиот се јавува како сопственик на портал.

Пресудата на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.429/23 од 04.04.2023 година, во делот за кривичното дело „уцена“ од член 259 став 1 в.в. член 19 од КЗ, ја укина и предметот во тој дел го врати на првостепениот суд на повторно судење, од причина што првостепениот суд не ги утврдил со сигурност решителните факти кои се од влијание за правилна примена на материјалното право, по однос на елементот од битието на кривичното дело уцена“, се наведува во соопштението.

Од Апелациониот суд Скопје информираат дека Одлуката ќе биде објавена во целост на веб страната на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите.

На сопственикот на порталот „Доказ М“, Марјан Стаменковски, Основниот кривичен суд Скопје му изрече единствена затворска казна во траење од три години и еден месец. Стаменковски се товареше за пет кривични дела, односно за две дела ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и за злоупотреба на лични податоци.

Освен затворската на Стаменковски му беше изречена и парична казна од 5 000 евра заради злоупотреба на лични податоци како и забрана за вршење професија или дејност поврзана со кривичните дела, односно му се забранува регистрација на домен за портал за период од 10 години, а му престанува регистрацијата на домените кои што тој ги регистрирал. 

При претрес на домот на сега осудениот полицијата запленила документација, електронски уреди и 90.000 евра. За оваа сума пари Обвинителството се сомнева дека потекнуваат од други кривични дела и за нив е отворена нова истражна постапка.