Апликацијата „Гугл мапс“ лажно ги информирала возачите дека автопатите се затворени

Минатата недела на германските патишта избувна хаос откако апликацијата Google Maps лажно ги информираше возачите дека автопатите во земјата се затворени за време на празниците. Многу од наводно затворените патишта се наоѓаат во близина на големите германски градови и метрополи, вклучувајќи ги Берлин, Дизелдорф и Дортмунд.

Локален новинар изјави за „Гардијан“ дека по лансирањето на апликацијата за навигација на „Гугл“, возачите забележале бројни црвени точки, кои се користат за означување на забранети области, поттикнувајќи ги да бараат алтернативни правци, што на крајот резултирало со сообраќаен метеж низ цела Германија. Збунетите корисници на апликацијата ги контактирале полицијата и локалните власти.

За да биде уште полошо, грешката што се случи со Google Maps се совпадна со почетокот на германскиот државен празник на 29 мај, што ги направи патиштата уште попрометни од вообичаеното.

Проблемот, според извештаите, траел неколку часа, но бил решен во четврток попладне, а Google Maps ги прикажал точните податоци. Што довело до проблемот сè уште не е познато, а Google спроведува внатрешна истрага.

Техничките проблеми со Google Maps не се невообичаени. Во март, корисниците пријавија дека нивниот времеплов, кој ги евидентира сите места што ги посетиле за идна референца, е целосно избришан. Гугл подоцна потврди дека податоците на некои корисници навистина биле избришани и не можеле да се вратат.