Арапите му ветија на Трамп милијарди за реконструкција на Газа, но сега играат поинаква игра: „Алергични сме на бланко чекови“
Земјите од Персискиот Залив, Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, кои го поддржаа мировниот план на Трамп за Газа, имаат сериозни резерви кога станува збор за безусловно финансирање на реконструкцијата на палестинската територија уништена од двегодишната израелска воена кампања против Хамас.
Богатите монархии од Заливот не сакаат да инвестираат милијарди долари пред да добијат јасни гаранции дека конфликтите нема повторно да се разгорат и дека ќе имаат одредено влијание врз идното управување со Газа.
„Лесно е да се ветуваат пари, но реализацијата на таквите ветувања е нешто сосема друго“, рече поранешниот јордански министер за енергетика Ибрахим Саиф, кој сега работи како консултант.
Следниот месец, Египет треба да биде домаќин на меѓународна конференција за реконструкција на Газа, каде што земјите од Заливот ќе играат клучна улога. Но, според Блумберг, додека трае кревкото примирје меѓу Израел и Хамас, приоритетите на престолнините на Заливот остануваат условени од политичката безбедност и гаранциите дека мирот ќе трае.
Саудиска Арабија: Пониски приходи, помала дарежливост
Саудиска Арабија, која ги предводеше дипломатските напори на арапските и муслиманските земји за постигнување прекин на огнот, денес има значително помалку можности за финансиски донации. Падот на цената на нафтата за повеќе од 10% оваа година го принуди Ријад да ги ревидира и забави проектите од визијата за економски реформи на престолонаследникот Мохамед бин Салман.
Покрај тоа, како што истакнува саудискиот аналитичар Али Шихаби, Саудијците се „алергични на потпишување бланко чекови“ по децении корупција и злоупотреба на помошта низ целиот арапски и муслимански свет.
Поради ова, Ријад би можел да се обиде да го префрли финансискиот товар врз други партнери од Заливот, првенствено Катар и ОАЕ, а можеби и Кувајт, кои ги смета за поликвидни.
Обединетите Арапски Емирати, чиј претседател, Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, е еден од главните сојузници на Вашингтон, изјавија дека нема да издвојуваат големи суми средства сè додека не добијат „политичка јасност“ и јасен план за управување со Газа. Анвар Гаргаш, советник на претседателот на ОАЕ, рече дека Емиратите сакаат „долгорочна визија“ што води до воспоставување палестинска држава, но и до целосна демилитаризација на Хамас.
„Абу Даби инсистира Хамас да биде целосно разоружан и исклучен од идното политичко управување со Газа“, изјави за Блумберг висок функционер на ОАЕ.
Катар, кој со години играше клучна посредничка улога во преговорите меѓу Израел и Хамас, е фокусиран на тоа да го натера Израел да се обврзе да ги почитува сите точки од мировниот договор пред да се иницира финансиската помош. Иако Доха прифати дека Хамас не учествува во привременото раководство на Газа, катарските претставници веруваат дека „е невозможно целосно да се исклучи Хамас од палестинскиот политички живот“ и дека евентуално реформирано движење би можело да игра улога во иднина.
Вашингтон и Тел Авив продолжуваат категорично да отфрлаат каква било вмешаност на Хамас во власта, наведувајќи ги нападите од октомври 2023 година како црвена линија. Според информациите од Блумберг, американскиот потпретседател Џ.Д. Венс и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, неодамна разговарале за предлогот за поделба на Газа на две зони. едната под израелска контрола, каде што би започнала реконструкцијата, а другата под палестинската власт.
Сепак, планот е во рана фаза и сè уште нема конкретна поддршка на терен.
Трамп смета на Катар
Аналитичарот Фирас Максад од „Евразија груп“ верува дека Трамп ќе се обиде да го убеди Катар да го преземе најголемиот дел од финансискиот товар. „Катар сака влијание и глас во иднината на Газа, без разлика дали преку реформиран Хамас или некоја друга политичка структура“, рече Максад, додавајќи дека ова би можело да предизвика нови тензии со Израел.
Порано овој месец, Трамп му понуди безбедносни гаранции на Катар и со тоа дополнително ги зајакна односите меѓу Вашингтон и Доха, но без конкретни отстапки, според аналитичарите, малку е веројатно дека Доха ќе започне инвестиции вредни милијарди долари.
Заедничко за сите земји од Персискиот Залив е верувањето дека уништувањето слично на она по нападот на Хамас и израелската офанзива не смее да се повтори. „Ниту една земја од Персискиот Залив нема да инвестира пари во Газа ако не е сигурна дека тоа нема да се случи повторно“, предупреди Јасмин Фарук од Меѓународната кризна група.
Египет, кој ја смета Газа за дел од својата природна безбедносна средина, исто така има свои интереси. Неговите компании сакаат да учествуваат во проекти за реконструкција, особено во енергетскиот и инфраструктурниот сектор.
Но, како што заклучува поранешниот јордански министер Саиф, најголемото прашање останува нерешено: „Дали планот е само за обнова на она што беше уништено или за создавање нова, одржлива Газа со пристаниште, стабилно снабдување со електрична енергија и функционална инфраструктура?“
Засега, одговорот на тоа прашање е нејасен, заедно со десетиците милијарди долари што Трамп ги очекува од своите арапски сојузници.